Контроверзна претстава за убиецот на Ганди

Анупама Чандрасекар е името на индиската драмска писателка чија претстава се фокусира на атентаторот на Ганди, Натурам Годсе, кој бил обесен во 1948 за своето дело. Но неговото име во последниве години се враќа во оптек, овој пат не како предавник, туку како херој.

Анупама Чандрасекар ги има поминато последниве 15 години истражувајќи нелагодни вистини. Нејзини претходни драми се однесуваат на вирални последици од секс-видео или на силувањето и убиство на млада девојка во автобус во Делхи од 2013 кое предизвика големи протести. Нејзината најнова претстава која се прикажува и во Националниот театар во Лондон се вика „Таткото и убиецот“, а се однесува на еден формативен момент во индиската историја - убиството на Махатма Ганди. Но наместо да се фокусира на херојот во приказната, авторката го врти погледот кон злосторникот, хинду националистот Натурам Годсе. 

Настанот е од 1948, но според Чандрасекар темата и денес е необично релевантна, особено поради враќањето на Годсе во политичкиот дискурс на Индија. За многумина тој денес е рехабилитиран од предавник во патриот, а визијата на Ганди за секуларна Индија е нагризана од владеачката партија, Баратија Џана. Според неа тој бил само несфатен индиски борец, кој наводно со право барал Индија да припадне на хиндусите, а 200-те милиони муслимани да се преселат во Пакистан. Во негова чест последниве години се издигнати споменици и е отворена меморијална библиотека.

Сепак, портретот на Годсе не е воопшто црно-бел. Претставата открива дека тој бил растен како девојче од суеверни родители кои се плашеле од смрт на уште едно машко дете. Како возрасен работел како новинар и бил сведок на бруталните последици на британското владеење. Првично, тој го сметал Ганди за свој духовен татко, сè додека не се почувствувал предаден кога овој отворено почнал да се застапува за правата на муслиманите. На 30 јануари 1948 тој му го попречил патот на Ганди и пукал во него три пати од блиску. Во 1949 бил обесен за своето дело. 

Иако претставата наидува на поделени критики во однос на третманот на главниот лик, Чандрасекар вели дека храброста е нешто што може да се научи, истото она што го тврдел и Ганди.

17 мај 2022 - 17:45