Контроверзи на Франкфуртскиот саем на книга поради присуство на радикално десничарски издавач

Најголемиот саем на книгата во Европа привлече внимание не (толку) поради некој нов наслов или присуство на популарен писател во Франкфурт, туку поради штанд на издавач за кои некои велат дека е водач на германска радикално десничарска група.

Овогодинешниот саем на книгата во Франкфурт се одржа во хибридна форма, и онлајн и физички, oд 20-24 октомври под мотото Ре:контект, односно како обид за враќање во нормала на најголемиот книжевен настан во Европа, како за авторите, така и за издавачите.

Но саемот се соочи со малку поинаков проблем од пандемијата. По објавата дека на него ќе учествува Јунгеуропа, компанија чиј сопственик е Филип Штајн, наводен лидер на радикално десничарска група, почнаа масовни откажувања на гостувањата. Тие тврдеа дека станува збор за издавачка куќа која е продолжена рака на мрежа од радикални десничари и политичари во Германија, на кои би требало да им биде забранет пристапот на саемот кој се гордее со својата демократска и активистичка агенда. 

Помеѓу откажувањата беа оние на германската актерка Анабел Манденг, јамајканската кореографка и писателка Никеата Томпсон и инфлуенсерот и модел Рикардо Симонети. 

Асоцијацијата на германските издавачи и книжари објави заедничко соопштение, во кое изразува жалење што одредени автори одлучиле да не се појават и таму да зборуваат против расизмот и да го поддржат диверзитетот. Но дека саемот останува место каде ќе се промовира слободата на говорот и на печатениот збор, па оттаму дека на ниту еден издавач кој работи согласно законите нема да му биде забрането да изложува, дури и ако тој не ги дели истите мислења со мнозинството. 

Бранот откажувања почна два дена пред отворањето на саемот, кога германската авторка Јасмина Кунке го најави својот бојкот, откако сфатила дека нејзината сесија за потпишување на новата книга, „Црно срце“, ќе треба да се случува во непосредна близина на штандот на Јунгеуропа. Наводно, спомнатиот Штајн претходно побарал нејзина депортација од Германија. 

И покрај скандалот, саемот се одржа, сосе штандот на десничарите. Сесиите беа пренесувани онлајн, а учествуваа вкупно 1500 изложувачи од повеќе од 70 земји. На лице место беа присутни над 200 автори. 

28 октомври 2021 - 16:28