Фото истражување

Колку геј е геј?

Според важечките норми, мажите не се допираат многу-многу. Ракување, кратка прегратка - тоа е прифатливо. Но хетеросексуални мажи да се држат за раце или да се фаќаат околу струкот? Тоа е во најмала рака необично. Сепак, не било отсекогаш така.

Блогот Art of Manliness објави портрети од доцниот 19. и раниот 20. век на кои мажите и нивните најдобри пријатели, според американски но и македонски стандарди, прикажуваат чудно ниво на физичка интимност како за хетеросексуални мажи. Овие момци си седат едни на други во скут, се држат за раце, „бесрамно“ се фаќаат околу струк.

Толкување? Од Граѓанската војна преку 1920-тите било прилично вообичаено машките пријатели да одат во фотографско студио и да прават заеднички портрет, за спомен, но и како знак на лојалност. За модерното око лежерните пози кои ги заземале и говорот на нивните тела ги прави да изгледаат како геј љубовници. Добро, можеби некои од нив и биле хомосексуални парови. Но тоа не е пораката кои тие сакале да ја испратат во тоа време. Фотографските студија биле во центарот на градовите, покрај нив минувал куп народ, меѓу кои и соседите на двајцата фотографирани. Со оглед на тоа што хомосексуалноста не била јавно изразувана, тешко е да се поверува дека вакви „слободни" портрети би имало толку многу да не била оваа постапка вообичаена, и да не ја рефлектирала интимноста и интензитетот на машките пријателства во тоа време, без каков и да е еротски подтекст. Слични сцени се среќаваат и вон фотографските студија, сликани во природа или просто „од нога“.

Фотографиите не можат да се толкуваат во современ клуч меѓу другото и затоа што терминот „хомосексуалност" не бил конструиран до 1869., а претходно острата дихотомија помеѓу „геј" и „стрејт" не постоела. Привлечноста и сексуалната активност помеѓу двајца мажи се сметала како нешто што се прави, а не како нешто што некој човек е. Тоа било однесување, прифатливо или не за различни култури, но не и еднаш засекогаш зацементиран идентитет, како што се толкува денес.

Замислете да објавите ваква фотографија на Фејсбук со колега од работа или со другарите од кафана, а притоа да сте „стрејт"? Тешко дека би можеле да се извлечете со културолошката релативност на концептот на хомосексуалноста и говорот на телото. Но прочепкајте по албумите на вашите претци - можеби таму работите не стојат баш така.

25 октомври 2012 - 12:13