Кого удрам не жалам: јапонскиот спорт на фрлање снежни топки

Секоја година на 20 февруари на планина на Хокаидо почнува вистинска битка, со снежни топки и детални правила. И тоа не за деца, туку за професионалци во оваа работа.

Меѓународниот куп во „јукигасен“ се одржува во февруари, а на него учествуваат тимови од целиот свет, кои се натпреваруваат во тоа кој е најдобриот во фрлање снежни топки. Името на спортот доаѓа од јапонското „јуки“ (снег) и „касен“ (битка). 

Јапонија е татковината на овој спорт, иако инспирирани од оваа традиција слични натпревари има и во Финска, Норвешка, Русија, Ерменија, Канада, па дури и во Австралија. 

Натпреварите си имаат детални правила. Се игра помеѓу два тима со по седум играчи, на поле со  димензии 36х10м и со по некој „бункер“ за заштита од удари. Како во нашата „народна“, играчите се елиминирани доколку бидат удрени со топка. Секој од нив носи специјална југикасен кацига и друга опрема за заштита. Самите снежни топки се однапред подготвени и се 90 на број. Победникот се одредува или по тоа кој тим има повеќе „преживеани“ на теренот по истекот на времето, или кој од нив ќе го „зароби“ знамето на другиот.

Иако наградата не е парична, честа на победата е доволна за мотивација на тимовите. Понекогаш нивниот број изнесува над 150, а што се однесува до публиката, во Хокаидо пристигнуваат и над 25.000 гледачи.

Првиот натпревар во Јапонија бил одржан во 1989, и иако во турнирите учествуваат претставници од целиот свет, повеќе од две децении главни се Јапонците. Совршените услови за јукигасен е температура од -5 до -10 степени (значи токму сега, наутро). Oстанува да импровизираме ваква „преса“ за топки, како од оние кутии за складирање јајца, само поголемки.

26 јануари 2022 - 09:29