Мета-фотографија

Кога папараците се пред апаратот

Џесика Димок работела како фотограф во печатените медиуми, сведочејќи го нивниот постепен но сигурен пад. Она што го сфатила е дека фотографиите кои опстануваат и кои добро се плаќаат се единствено оние на - папараците.

Таа минала две години (2008 и 2009) со папараците во Лос Анџелес за да го документира нивното искуство на гонење на славните. „Тоа беше забавно, иако не и од почетокот", вели таа. „Мислам дека целата работа е родово обоена - сите се машки и главно трчаат по недофатливи објекти на убавина, често без награда." Отпрвин тие не сакале да ја прифатат, но по многу молење се согласиле да бидат пред камерите, што за нив секако е невообичаена позиција.

Она што ја изненадило бил фактот дека папараците немаат всушност знаење од областа на фотографијата, бидејќи заради брзањето најчесто ја користат автоматската опција. „Често ме гледаа како сликам и ми велеа 'блицот не ти работи'. Кога ќе им објаснев дека сликам на f.1.8 со ISO 3,200 ме гледаа како да зборувам германски. Понекогаш ме замолуваа да им покажам како правам моите фотографии да изгледаат толку 'уметнички', но веднаш штом Џесика Алба ќе се појавеше на излезот од некој ресторан се фаќаа за блицот и ставаа на ’автоматски’".

Концептот за папараци секако се има изменето во последната деценија. Голем број славни личности и оние одговорни за нивиот медиумски настап ги информираат фотографите за нивното движење. Но „гангам" стилот на работата на папараците, како што го нарекува Димок, се уште функционира, и тој знае да биде прилично агресивен. Сепак, таа нема сочувство за славните: „Наречете ме идиот, ама тие профитираат од тоа што нивната слика е насекаде. Затоа немам трпение кога некој од нив се занесува дека нема приватност и им се нафрла на папараците." Во цивилизација опседната со приватноста на славните, папараците се само нејзин продолжен објектив.

 

28 декември 2012 - 09:10