Кога авторот на „Петар Пан“ се обидувал да се откаже од пушење

Пред да го напише своето најславно дело, Џ.М. Бари одлучил дека треба да порасне и да ги фрли цигарите. За да успее во оваа тешка задача морал да напише цела книга, под наслов „Мојата Лејди Никотин: истражување на пушењето“. 

Велат никому не му е лесно да се откаже од цигарите и секој кој се обидел си имал своја тактика или поголем број од нив. Онаа на Џ.М. Бари, авторот на „Петар Пан“, била да си биде сам свој терапевт, со тоа што сите аргументи против пушењето би ги навел во трактат, за да не може после да рече „не знаев“. 

„Мојата Лејди Никотин: истражување на пушењето“ и објавена во 1890 и почнува со вообичаен трилинг аргументи против зависностите воопшто - уништување на телото и на духот; економските последици; маката што ја трпат блиските. Нараторот, кој делува како полу-фиктивен Бари, чувствува како да умира; сфаќа дека со парите од цигарите можел да купи неколку ориентални ќилими и ја одложува свадбата за цели шест месеци кога вереницата од него бара да се откаже од пушење.

Полека неговата „студија“ сепак се претвора во нешто друго, во речиси надреални описи на просторија на последен кат од некаква крчма, каде времето тече бавно, а гладта на неговото тело полека гасне додека тој чита весник и си пуфка обрачи чад од чад кои ги замаглуваат ликовите на неговите драги присутни пријатели. Тоа е за него замислен свет во исчезнување, сон од којшто тој се буди откако неговата идна жена му ја става раката на рамото.

Иако одделните поглавја се пишувани и објавувани посебно за различни весници и анонимно, тие чинат една целина во која се обработува речиси сè поврзано со пушењето: размислувања за врската на цигарите со книжевната историја; соништа предизвикани од недостатокот на никотин; приказна за духови итн. Иако повремено забегува во други теми, централната е секогаш преокупацијата на авторот со неговата „лејди“ - никотинот. 

Врската со „Петар Пан и Венди“ (1904) може да се воспостави во следнава смисла - додека Петар не сака да порасне, ергенот во Бари не сака да се откаже од младешката слобода и едноставните задоволства на секојдневниот не-брачен живот. Книгата сепак завршува со сцена која покажува дека безгрижните денови се минато - нараторот седи во својата работна соба додека сопругата спие на горниот кат. Во еден момент соседот, со кого се нема сретнато, преку ѕидот пали луле и си пуфка. И нараторот го зема своето, и без да го полни, со кисела насмевка, се преправа дека пуши, а потоа кроце-кроце се прибира во спалната. 

9 февруари 2024 - 09:55