Санденс 2013

Клетвата на Хемингвееви

Да си потомок на познат автор и да го носиш неговото презиме сигурно некогаш во животот се исплати. Но генетското наследство понекогаш знае да биде и товар. Мериел Хемингвеј, внуката на Ернест, раскажува за ова во документарец кој е дел од овогодинешната програма на Санденс.

Фестивалот кој се одржува од 17-27 јануари содржи неколку интересни документарци, меѓу кои „Бегајќи од лудилото" (Running from Crazy), режиран од Барбара Копл, а продуциран од Опра Винфри. Во него внуката на славниот Ернест Хемингвеј раскажува за долгата историја на она што таа го нарекува ментална болест во нејзиното семејство, во кое имало дури седум случаи на самоубиство.

Филмот зборува за семејниот живот на таткото и мајката на Мeриел - Бајра Луиз и Џек Хемингвеј, синот на Ернест, како и односите помеѓу неа и другите две сестри, од кои едната, Марго, која исто како и Мериел била актерка и манекенка, починала од прекумерна доза на барбитурати на 42 години. Мариел го добила името според истоименото пристаниште на Куба каде татко ѝ и дедо ѝ често оделе на рибарење. Како што е познато, и тој си го одзеде животот во 1961, само неколку месеци пред раѓањето на Мариел.

Сепак во семејството до скоро никогаш не се зборувало за самоубиствата на нивните членови. Мариел прва го скршила табуто, кога отворено зборувала за семејната историја на настан организиран од Американското здружение за превенција на самоубиства во 2003, а сега и со овој филм.

„Мислам дека треба да им се каже на луѓето дека депресијата и менталните болести не се срамни, и дека кое и да е семејство кое има таков проблем не е самото по себе лошо", изјавува таа, додавајќи дека нејзе ѝ требале многу години, психотерапии, гуруа и различни техники за да го најде својот мир. „Знаејќи колку проблеми имало во моето семејство некако целиот живот како да 'бегам од лудило', и се секирам дека еден ден и мене ќе ми се случи истото", вели таа во една сцена од филмот, пред група за поддршка на семејства со слични трауми. На оваа тема во 2002 има напишано и книга - „Наоѓајќи ја мојата рамнотежа: мемоар", а сега е посветена на телевизиско шоу кое се занимава со „духовни филмови" и на емисии за јога.

Нејзино интервју за Си-ен-ен пред премиерата на филмот:

 
(на фотографијата горе - семејството Хемингвеј во 1905., Ернест е прв од десно) 

24 јануари 2013 - 14:00