Букбокс гледаше на Македокс

„Кеди“ (2016)

На почеток изгледа дека овој филм би им се допаднал исклучиво на љубители на мачки. Но како што тече, сфаќате дека тој не е (само) за мачките на Истанбул, и не е само за неговите жители кои се грижат за нив. Тој е за сите луѓе кои сè уште веруваат во соживот со други суштества, без оглед дали тие се со крзно и опаш, и дали предат или не.

„Кеди“ на турски значи мачка. Но документарецот на Сејда Торун со кој вчера, 16.8., се отвори овогодишниот Македокс, не е само за една мачка, туку за голем број од нив. Тие - мачките на Истанбул - лежат оптегнати на кафанско столче, ѕиркаат од излози, крадат тазе уловени рипчиња од локалните рибари, се пентарат по покриви, чукаат на прозорците на луѓето кои ги хранат, се пресметуваат меѓу себе и бестрашно го бранат своето потомство. Луѓето се грижат за нив, но и тие не се неблагодарни - за возврат им нудат дел од своето спокојство, елеганција и самоувереност, и прават и градот во очите на туристот да изгледа таков. „Ако не сакаш да страдаш за капка вода во следниот живот, не ја истурај оваа“, вели натпис крај пластични садови за вода, кои некој ги поставил на улица за тие да не бидат жедни лете.

Од почетните триесет и пет мачори и мачки одбрани за снимање, режисерката на крај се одлучила за седум од нив. Сари, Думан, Бенгу, Аслан, Гасиз, Психопат и Дениз, секое од овие животни има свој карактер и „тертип“. Некои од нив биле најдени како сирачиња и „посвоени“ од нивните човечки старатели. Други се дел од неколку генерации кои живеат под ист покрив, а за кои нивните „сопственици“ (израз прилично несоодветен за опис на некој кој се грижи за мачка) купуваат и по неколку кила свежо пилешко дневно и се заборчени кај повеќе ветеринари. Во филмот се претставени ликови кои велат дека имале тешки психолошки трауми и дека грижата за мачките им дало смисла на нивните животи. На еден од нив, кога му потонал единствениот имот, бротчето со кое рибарел, мачка му го покажала патот до полн новчаник, по што тој редовно се грижи за сите маачки на брегот. Друг секојдневно храни 60 мачки во нешто што изгледа како напуштен фабрички круг - тие го чекаат во одреденото време, а тој пак ги знае сите и забележува ако фали макар една.

„Мачкарите“ на Истанбул се изгледа бројни, и многу посветени на одржувањето на врската помеѓу луѓето и овие животни, кои се мерка за квалитетот на животот во градот. Во него пак има се помалку зелени површини и допир со земја и друг жив свет. И тие се почесто умираат, како и луѓето, од рак, вели една жена, која има цел семеен албум од сите мачки кои ги има чувано, и низ смеа вели - дека ако има задгробен живот таа повеќе би сакала да се сретне со својата прва мачка, отколку со сопствената баба!

Има многу вакви комични моменти во филмот, полн со спокојство, галење и предење. Причината зошто токму Истанбул е полн со мачки според соговорниците е што тие биле редовен дел од бродските посади, како истребувачи на глувци на нив, па кога некој брод ќе се закотвел во пристаништето, излегувале на копно а потоа пропуштале да го продолжат патувањето. Затоа во градот има многу различни видови мачки, а некои ресторани ги чуваат од истите причини, како терминатори на штетници.

Начинот на кои жителите зборуваат за нив е неверојатен - како за некого кого многу добро ги познаваат, и со кои многу добро се разбираат, без непотребни компликации. Како секој од нив да вели - ех, да можеше вака да биде и меѓу нас, луѓето. Безусловно, слободно, без фолирање.

Како ли би изгледал ваков филм за мачките на Скопје? Знаеме многумина со истата страст за улични и маалски мачки, но знаеме и такви кои многу радо би ги истребиле, и нив и оние кои покажуваат каква и да е љубов кон животните воопшто. Но овој филм покажува дека не се луди оние кои го одвојуваат последниот денар за да ги наранат маалските мачки. Луди се оние кои никогаш не почувствувале што значи мачка да ти легне на гради и ритмично да ти ги зарива канџите, доволно нежно за да не те здоболи, но и доволно остро за да те потсети - дека не си ти Бог, туку само негов посредник, слуга мачешки.

Целата програма на овогодишниот Македокс тука

17 август 2018 - 13:43