Како зборот „нормално“ си го рехабилитира значењето

Сите чекаме, со различен степен на трпение, нештата да се вратат на „нормала“ - иако знаеме дека секојдневниот живот нема веќе да биде ист. Сепак, она што го посакуваме, „нормалноста“, до скоро беше прилично дискутабилен термин.

Освен бројот на новодијагностицирани, мртви и луѓе во изолација, помеѓу редовите на секојдневните прес конференции на нашите политичари се обидуваме да најдеме знаци на подготвеност на релаксирање на постоечките забрани, па едно „после Велигден, ќе видиме“ веќе ни мириса на ражничи во дебармаалска кафана и на „нормален“ живот.

Иронично е дека терминот „нормално“ добива на популарност откако долго време беше прогонуван од јавниот дискурс, затоа што знаеше да стигматизира, ограничува, исклучува. Не беше секое „нормално“ исто - она што беше такво за еден човек, за друг можеше да биде абнормално, и тоа стануваше основа за поделби. Сега, кога ќе се каже дека се тажи по старите, нормални времиња, никој како да не спори за што станува збор.

Во англискиот имаат и уште една дополнителна закачка.  Од почетокот на март Гугл трендс, алатката со која се мери популарноста на пребаруваните термини, покажува голем „шпиц“ за пребарување на „нормалност“, но не во смисла на normality, туку на normalcy.  Лингвистички со пократка историја, вториот термин бил популаризиран во склоп на претседателска кампања од 1920 на Ворен Хардинг, чиј централен слоган бил токму „Враќање кон нормалноста“. Како републикански сенатор од Охајо, не баш познат по својата елоквентност, Хардинг бил критикуван за користењето на зборот во ваква форма, иако тоа не му попречило да стане 29-тиот претседател на САД.

Неговата примена на терминот е интересна од денешен аспект, бидејќи се однесувала не само на залечување на раните од Првата светска војна, туку и на смртоносна епидемија на грип. Во говор одржан во Бруклин во февруари 1920, Хардинг рекол: „Време е да им се вратиме на здравиот разум и на нормалноста“...иако неколку реченици понатаму ја повикал нацијата да си го најде патот кон „новата нормалност“ (the new normalcy). Најпознат пример на употреба на терминот сепак е од негов говор од 14 мај истата година, кога рекол дека „на американската сегашност не ѝ е потребно херојство, туку исцелување; не бабини деветини, туку нормалност; не револуција, туку реставрација“.

Многумина мислеле дека Хардинг самиот го измислил овој збор, но тој постоел од 19 век, иако се појавувал во математички контекст и се користел во техничка смисла. Сепак, во подоцнежните речници тој се наведува и во контекст на теолошки дискусии, па можеби тој, како посветен баптист, го собрал од таму.

Од негово време па наваму, терминот се појавува главно поврзан со војни и кризи. Но сега е повторно актуелен, откако Џо Бајден е најавен како новиот „кандидат на нормалноста“. Пандемијата ги нагласи овие идеи, посакуваното враќање кон замислената нормала, како вид утеха, и како антидот на абнормалноста на живот без физички контакт, патувања и кафана.

извор

11 април 2020 - 12:43