Како „транспарентноста“ е поврзана со историјата на - прозорците?

Терминот „транспарентност“ стана мантра на епохата. Тој е клучен за западното разбирање на либералното општество. Очекуваме транспарентност, достапност, видливост од политичките институции, од корпорациите, од медиумите. Но како таа стана толку моќна и глобална идеја?

Нова книга на историчарот на рана модерна Европа Даниел Џуте (Daniel Jütte), под наслов „Транспарентност: материјална историја на една идеја“, зборува за тоа како западните луѓе ја имаат искусено, концептуализирано и развиено транспарентноста. Според него самото искуство е неодвоиво со еден елемент на западната архитектура: стаклениот прозорец.

Прозорците се нешта кои денес не ги ни забележуваме. Сепак, една историска перспектива ја открива улогата која ја играло стаклото во тоа како го гледаме и интерпретираме светот. Навидум „чист“ материјал, стаклото низ историјата е проткаено со политичко, општествено и културолошко значење.

Денес, архитектонското стакло го земаме здраво за готово - кога мислиме на прозорци секогаш мислиме на стакло. Но врската помеѓу нив била воспоставена дури во модерната западна архитектура. Не дека правењето стакло не било познато во антиката. Првото стакло направено од човек датира 2500 години пред нашата ера и потекнува од Месопотамија. Тоа било произведено од истите основни состојки кои, со мали модифијации, се сè уште во употреба. Но тогаш од него не се произведувале прозорци туку декоративни садови и накит.

Имало и друга причина зошто отворите на куќите требало да бидат мали и секако не од стакло - месопотамските и египетските градби често биле од тули направени од глина или од кал - за да се обезбеди структурна стабилност отворите биле релативно мали и поблиску до плафонот. Тоа објаснува зошто Талмудот го дефинира „египетскиот прозорец“ како „отвор кој е толку мал што човечка глава не може да мине низ него“. 

Истовремено, и климатските фактори влијаеле врз тоа колкави и какви биле отворите за дневна светлина - заштитата на домаќинството од погледи и од големи жештини на Блискиот Исток била, и се уште е, приоритет пред другите причини за отворање (или неотворање) на дупки во фасадата.

Блокирањето пак на овие отвори во древна Грција и Рим била работа на престиж. Се користеле плочи од проѕирен минерален камен (lapis specularis) или буквално „камено огледало“, кој бил скап, па неговото присуство било знак на богатство. Него елитата го користела не само во домовите, туку и во хортикултурната архитектура (затворените градини), каде се одгледувале овошки и зеленчуци во текот на целата година. 

Авторот се занимава и со ваквата историја, но со иднината на стаклената транспарентност - нејзината вредност во смисла на визуелна приватност, а истовремено и нејзината цена во време на забрзани климатски промени. 

5 јуни 2023 - 19:22