Како самотниците ја помагаат еволуцијата на човечкиот род

Организмите кои не го следат „стадото“ можеби не се девијација, туку начин природата да го диверзифицира ризикот.

Огромни јата птици од време на време го зацрнуваат небото; ноќни светулки истовремено трепкаат во ноќта; цели шуми бамбус цветаат истовремено. Научниците ги проучуваат овие неверојатни синхронизации, обидувајќи се да ги одделат факторите кои овозможуваат ваков степен на соработка и комплексност.

Сепак, секогаш има поединци кои не учествуваат во колективното однесување - некаква чудна птица, или инсект, или цицач кои како постојано да се малку вон такт со другите; некаква „забегана“ клетка или бактерија која како да го пропуштила повикот за јуриш. Истражувачите главно не им посветуваат внимание, третирајќи ги како некаква девијација или безначаен исклучок.

Но малцинство научници почнуваат да размислуваат поинаку. Нивната интуиција е дека овие поединци се знаци на нешто подлабоко, на еволутивна стратегија која доколку се покаже како реална може да отвори нов начин на мислење во однос на колективното однесување.

Корина Тарнита, еколог и теориски биолог на Принстон и нејзините колеги се фокусираат на тн. лигави габи (Dictyostelium discoideum). Првично, оваа габа живее во форма на збир на поединечни амеби, при што секоја си живее и се дели засебно. Но доколку снема храна, дури милион вакви клекти можат да се здружат во кула со облик на печурка. Околку 20% од нив прават некаков вид „скали“ или столб, жртвувајќи се себеси за другите да можат да се качат на врвот на структурата и да формираат спори, кои можат да издржат со месеци без храна. На крај, водата и ветерот ги расфрлаат овие спори на нови и потенцијално побогати места со храна.

Колку и да звучи необично, експериментите со лигавите габи служат за проучување на појавата и одржувањето на социјалното однесување и за идентификување на механизми кои обезбедуваат соработка. Но тие до сега се фокусирале на здружените клетки. Тарнита и нејзиниот тим сакаат да направат нешто поинакво: да проучат дали клектите кои се издвојуваат пред да се случи обединувањето - самотниците - исто така играат битна улога.

Како што објавиле во 2015 во Proceedings of the National Academy of Sciences, овие самотници се совршено функционални, тие јадат и се мултиплицираат сосема вообичаено доколку имаат доволно храна. Нивното потомство повторно се состои од такви кои се групираат, и од такви кои остануваат сами. Присуството на вториве изгледа како постојан елемент во однесувањето на овој вид суштества.

Дополнителни истражувања спроведени во следните неколку години откриле дека „осамениците“ сочинувале до 30% од оригиналната популација, понекогаш повеќе од бројот на клетки во „здружението“. И не само тоа. Истражувачите сфатиле дека тоа дали некој ќе биде „друштвен“ или „осаменик“ е наследна карактеристика која игра улога во природната селекција. Секако, улога играат и факторите на животната околина, кои влијаат врз тоа како се шират хемиските сигнали од клетката, и како тие овозможуваат или оневозможуваат агрегација.

Ова е затоа што кога клетките почнуваат да гладуваат тие им испраќаат хемиски сигнали на своите соседи, за доволен број клетки да бидат алармирани и така да почне процесот на здружување. Како што се агрегираат клетките, така јачината на сигналите опаѓа. Во одреден момент некои клетки едноставно не можат да го слушнат звукот за опасност, затоа што сите други заминале. 

Но дали ова значи дека тие се осудени на пропаст? Агрегираната група е подложна на свои ризици - може да биде изедена од предатор или да биде вшмукана од страна на некои „измамнички“ клетки кои го користат колективното однесување на габите за свои себични интереси. Осамените клетки се такви, осамени, но токму заради тоа помалку интересни за евентуални надворешни напади. Тие се вид сигурност во случај на пропаст на групата - семиња кои можат да ја обноват популацијата во случај на катастрофа.

Ваквата стратегија има и име - биолошко обложување (biological bet hedging), и е во некоја смисла колективна „одлука“ која не се носи поради спасување на некој посебен агрегат туку за спасување на самото социјално однесување. Со тоа што - парадокслано - токму асоцијалниот дел станува социјална компонентна.

Сега на ред се проучувањата на осамениците во други системи. Теоретски, идејата е дека осаменикот е нешто што го стабилизира постоењето на групата. До сега никој вистински не бил заинтересиран за клектите кои изгледаат дека не прават ништо, за мрзливите мравки или за животните кои одеднаш одлучуваат да не се селат. За луѓето на кои им е поубаво во изолација и без пандемија. Конечно, нивната улога може ќе стане појасна.

извор