Ужалени 4,35 милиони претплатници

Јутјуб проектот „Унус анус“ кој живееше 365 дена

Денес, 14.11., се одржува „помен“ на јутјуб канал кој постоеше точно една година. Рокот на траење му се знаеше уште кога се отвори, а е содржан и во неговото име.

Жал ни е што не можеме да споделиме видеа од овој канал, кој за една година постоење собра 4 милиони следбеници, а на последниот ден од неговото емитување во еден момент онлајн имаше 812.000 луѓе. Неговото име звучи малку безобразно - Унус Анус - но на латински значи „една година“. Двајца гејминг јутјубери, Markiplier (Марк Фишбах) и CrankGameplays (Итан Нестор-Дарлинг), кои и претходно беа популарни, со здружени сили на 13 ноември 2019 го пуштија првото видео. На него имаше тајмер кој одбројуваше 365 денови, со гласови во позадината кои пееа „унус анус“.

„Ги живееме нашите животи сметајќи ја секоја секунда како нешто дадено, но што би правеле доколку знаете колку време имате преостанато?“, беше воведната реченица.

Идејата на проектот беше да се постира видео секој ден, цела година, но потоа не само да престане качувањето видеа, туку и целиот канал да биде избришан (заедно со сите придружни профили на социјални мрежи). Официјалниот опис беше „сè има свој крај“, а во видеата често се појавуваше и реченицата memento mori (запомни дека си смртен).

365-те видеа беа, ако така може да се каже, жанровски „шарени“ - од готвење со секс играчки, преку тоа како да направиш сирење и кафиња, јадење инсекти, меѓусебно прскање со лут спреј, правење „несвета вода“. Пандемијата им ги замати плановите за порадикални видеа, но продолжија со содржини кои според нив „создаваат убави спомени“. Сето ова можеби само по себе и немаше да привлече толку публика, но самиот факт дека проектот е привремен и „смртен“ додаде вредност на целата работа.

Вчера, 13.11, јутјуберите го исполнија своето ветување, а пред да го избришат каналот направија лајв стрим за негово достојно испраќање и благодарност до фановите. Како што ни раскажуваат оние кои подолго време го следеле каналот, имало тука и плачки и збогувања како да станува збор за вистински погреб. Авторите испратија апел никој да не аплоудира повеќе видеа од нивниот канал, иако има и теории дека - не-нема шанси, каналот ќе продолжи.

Мементо мори.

14 ноември 2020 - 10:49