Олимпијада и поп-култура

Јас Тарзан, а ти Фелпс

Не ни е баш јасно како се брои, но ако е точно дека Фелпс во неговата кариера срушил 39 светски рекорди, а Џони Вајсмилер 67, тогаш можеби треба да се преиспита кој е најуспешниот пливач на сите времиња. Она што е сигурно јасно, е кој е најславниот актер помеѓу пливачите.

Јанош Вајсмилер, како што е неговото вистинско име, освоил три златни медали во пливање во 1924., на Олимпијадата во Париз, и уште две златни и една бронза во 1928., на игрите во Амстердам. Со пливање почнал како дете, откако неговите родители емигрирале од тогашна Австро-Унгарија во САД, но најпрвин како начин да излезе на крај со полио, болест која го довела речиси до парализа.

Откако ја прекинал пливачката кариера, станал шестиот актер кој го играл благородниот дивјак - Тарзан, според ликот креиран од Едгар Рајс Бароуз, и тоа во дванаесет филмови, што освен пливањето подразбирало развивање и други вештини - борба со крокодили, и зборување „мајмунски". Неговиот тарзански повик станал надалеку прочуен - според една анегдота, кога играле голф на Куба тој и неговите пријатели биле опколени од бунтовници кои не им мислеле добро. Сè додека на Џони не му текнало да се огласи, по што луѓево го препознале и почнале да викаат „Тарзан! Добредојде на Куба!".

Она што е помалку познато е дека Вајсмилер е и автор на една книга издадена 1930. - „Пливајќи го американскиот краул". После сето ова, на Фелпс ќе му треба доста работа во пензионерските денови да го стигне имиџот на неговиот колега, чија последна желба била на погребот три пати да се пушти снимка од крикот на Тарзан.

6 август 2012 - 11:19