Самураи, гејши и октоподи

Јапонски секс во Британскиот музеј

Во Лондон на 3. октомври ќе се отвори изложба посветена на сексот во јапонската уметност од 17-20. век. Сликите се толку експлицитни што музејот мораше да воведе забрана за посетители под 16 години, кои можат да ја разгледаат само „со родителско присуство“. Но во Јапонија тие никогаш не биле сметани за порнографски или скандалозни.

Еуфемистично наречени „пролетни слики" (шунга) тие биле изработувани на дрвени плочи, во рамки на популарната сликарска школа ukiyo-e, или „слики од лебдечкиот свет", чии најпознати претставници се Утамаро и Хокусаи. Јавниот живот во тоа време бил под влијание на строги конфучијански правила, но интимниот бил очигледно многу поживописен.

На овие слики, опишани и како „јапонска кама сутра“, се прикажани секакви можни комбинации на сексуални партнери, со гротескно големи органи, во акробатски сексуални пози. Има и воајери, претставници на ЛБГТ заедницата, будистички свештеници што си ги меркаат учениците, а и по некој октопод. Од денешна, западна перспектива толкувани како порнографски, тие во Јапонија никогаш не биле забранувани, туку биле сметани за уметнички производи на култура која немала табуа кон оваа животна радост.

Во тоа, на сопствено задоволство, се уверувале и западните посетители на далечниот Исток, чии стандарди за тоа што е уметност, што еротика, а што скандал се менувале кога излегувале од Европа. Така, капетан Бломхоф од Холандската источна индиска компанија, од уметник од Нагасаки си нарачал „обичен" портрет од него и неговата жена како седат на канабето со лавји канџи во дневната, но истовремено и шунга варијанта, на истата таа софа, како тој општи со гејша.

Сликите биле носени и како амајлии, против страв од смрт или за заштита од оган, а служеле и како прирачници за млади парови. Кога првите шунги пристигнале во викторијанска Англија, Британците биле шокирани - сликите биле конфискувани, а Јапонците, за да можат без проблеми да тргуваат со големите европски сили, морале да покажат дека се исти со нив во секој поглед, па и во смисла на сексуалниот морал. Така светот на гејшите и шунгите се преселил во подземјето.

И денес некои од старите традиции се уште постојат, особено оние поврзани со религијата шинто - во тек на годишните фестивали за плодност шинто свештениците парадираат по улиците носејќи огромни фалуси со големина на стебла. Современата јапонска уметност, oсобено поджанрот на манга и аниме - хентаи, на извесен начин е продолжување на шунгите. 

За овие слики постоел уште еден термин „вараи-e" (warai-e), или буквално „слики за смеење". Тие се надоврзуваат на богатата сатирична традиција во јапонската еротска уметност. Но оваа смеа нема врска со благо еротскиот хумор на Бени Хил, кој оддава пуританска нелагодност. Тaa е повеќе излив на отпор кон општествените конвенции, а истовремено е и ехо на древни космогониски митови (митови за создавање на космосот). Според еден од нив, божицата на сонцето Аматерасу Омиками во некој момент од лутина или од (женски) инает се повлекла во нејзината пештера, оставајќи го светот без светлина. За да ја натераат да се врати, боговите организирале оргија пред влезот на пештерата, при што еден од нив извел стриптиз. Тоа предизвикало таква смеа помеѓу боговите, што Аматерасу не можела да не излезе и да не види што се случува. Така се вратила светлината. Или - и би светлост.

Изложбата во Британскиот музеј ќе трае од 3. октомври 2013-5. јануари 2014.

28 септември 2013 - 09:50