ХБО почнува серија со „успокојувачки“ нарации

„Светот на спокојството“ ќе понуди приказни и слики кои ќе се обидат да го намалат стресот и хаосот на времињата во кои живееме. Богами, потребни ни се.

ХБО најави дека наскоро ќе адаптира дел од содржината на популарната апликација „Калм“, претворајќи ја во телевизиска серија за добра ноќ. Станува збор за рубриката „Приказни за спиење“ која нуди „успокојувачки нарации помешани со музика кои помагаат да се отиснете во светот на соништата“. Засега се планирани десет епизоди, за кои гласовите ќе ги позајмат Никол Кидман, Идрис Елба, Кијану Ривс, Луси Лиу и други.

Основана во 2012, Калм во моментов тврди дека има 2 милиони претплатници, а во 2019 е проценета на 1 милијарда долари. И до сега во понудата имаше славни имиња, како Стивен Фрај, ЛеБрон Џејмс или Метју Меконахи.

Идејата за ваква серија следи по обновениот успех на „бавниот“ ТВ хит „Радоста на сликањето“ со Боб Рос, серија која се прикажува во текот на пандемијата од страна на Би-би-си 4 во Британија и стриминг сервисот на Фокс, Туби во САД. Aко никогаш не сте ја гледале, сега е вистинското време да го запознаете зен мајсторот на сликарската четка. Гарантиран седативен ефект, како Бе-6. Или џин тоник.

17 јули 2020 - 21:10