Предлог за градоначалник на Скопје

Хартијата од слама на Вуди Харелсон

Наводно влегуваме во нова ера, во која од хартија актуелна ќе остане само тоалетната. Но додека се случи ваквата промена, во светот заради производство на хартија годишно се сечат 4 милијарди дрвја. Еден холивудски актер има решение за проблемот.

Вуди за градоначалник на Скопје! - вака би можела да гласи некоја идна кандидатура, базирана врз долгогодишно залагање за заштитата на околината, и особено на дрвјата, на Вуди Харелсон. Најголемиот дел од неговиот активизам е лобирање кај владите да го ограничат сечењето дрвја во дивина. Тоа особено се однесува на компаниите кои произведуваат хартија, кои избркани од една локација веднаш се појавуваат на друга.

Харелсон сфатил дека не е поентата да се инсистира на целосно некористење хартија, туку да се смени технолошкиот процес на нејзино производство, така за дрвја воопшто да не бидат потребни. Тој е со-основач и инвеститор во Prairie Pulp and Paper, канадска компанија која развива нов вид хартија, направен од 80% отпад од жито, односно од слама, како и 20% дрвени влакна. Овој вид хартија се нарекува Step Forward Paper (Хартија чекор напред), а оваа недела компанијата соопшти дека таа е веќе достапна за широка потрошувачка во САД. На секои две кутии од хартијата за копирање на Вуди, се спасува едно дрво.

Во моментов хартијата се прави во Индија, но Степ Форвард планира да отвори фабрика и во Северна Америка. „Јас сум од оние луѓе кои дури сега се поврзаа со шумите. Сознанието дека тие еден ден може да исчезнат заради целосната сеча ме боли. Треба да сториме нешто во врска со ова", изјавил актерот. Начинот на Вуди е да стане производител и продавач на хартија.

25 јуни 2013 - 08:23