Патриотизам и дигитални технологии

Голема интерактивна изложба за Михајло Пупин во Белград

Колку интересна може да биде изложба за макар и славен научник, во историски музеј, за некој што нема појма од природни науки? Епа многу.

„Кога денес ќе погледнеме во големото научно дело на Пупин, не можеме а да не истакнеме дека како основни вредности на занимавањето со наука тој ги истакнувал вистината и општото добро"

Со ваков свечен тон почнува текстот во одлично дизајнираниот каталог за изложбата „Пупин-од физичка до духовна реалност" во Историскиот музеј на Србија. Отворена кон крајот на септември, таа е прва поставка која користи AR технологии во Србија. Тоа значи дека кога ќе влезете во музејот симнувате апликација на мобилен, го вперувате на означените места во експонатите, и така активирате анимации и аудио-визуелни дополнувања на основната изложба. Плус холограми, телефони што ѕвонат кога минувате крај нив, и вашиот скелет на платно кога ќе влезете во собата за рентгени.

Имав среќа да налетам на група која ја водеше авторката на изложбата, која според нејзините зборови ја работела десет години, прегледувајќи обемна архива документи, преписки, новински статии и артефакти поврзани со славниот светски научник и пронаоѓач. Жената заради проблеми со ногата едвај одеше, но тоа не ја спречи што стоејќи, што на столче, да помине речиси два часа со жар и љубов објаснувајќи ја не само научната работа на Пупин, туку и неговата филантропија и политички ангажман во име на Србија.

Дека ова не е „обична" научно-историска изложба станува јасно не само заради употребата на новите технологии, на која некој што доаѓа од земја во која модерноста на музеите се мери во број на восочни фигури реагира со детска радост, туку и заради начинот на којшто е конструирана приказната. Таа во несомнените научни придонеси на Пупин за светската наука постојано ја вметнува идејата за хуманизмот, но и за патриотизмот и српството, правејќи на тој начин од Пупин своевиден супер-херој, какви на оваа земја очигледно и се потребни (а на која не ѝ се?).

(Мојот скелет, ви мафта)

Роден во банатско село, во семејство со десет деца од кои Михајло бил единствениот син кој го преживеал детството, тој е многу добар лик за градење на ваква митологија, која има и воспитно-образовна и патриотска кауза. Од првиот интерактивен екран каде тој е прикажан како чува крави, преку неговиот пат за Америка на шеснаесет години со пет центи во џебот (фотографија погоре, целата сцена се анимира кога ќе стапнете на нешто што личи на палуба на брод), до неговите 35 регистрирани патенти, дружбата со Тесла и Ајнштајн, неговата улога на еден од 12 основачи на НАСА, и на Париската мировна конференција по Првата светска војна, каде значајно влијаел врз финалните одлуки околу границите на идното кралство СХС, Пупин кој до тогаш евентуално ви асоцирал на некакви калеми во вашите очи прераснува во научно-политички Рамбо. И не само тоа - тој има добиено и Пулицерова награда за автобиографија, за книга објавена во 1929 на српски, под наслов „Од пашњака до научењака" (на фотографијата).

Изложбата е подготвена по повод 80 години од смртта на Пупин, а после бројни и континуирани критики упатени кон државата и нејзините институции дека недоволно го цени и слави. Во текстови објавувани низ годините на оваа тема во српските медиуми имаше и такви кои со тон на гнев и паника пишуваа и за односот на Македонија кон ликот и делото на научникот, тврдејќи дека ние сакаме да им го земеме. „Македонија својата Пупина!", гласеа наслови на некои текстови кои опоменуваа дека „Додека Србија заборава еден од нејзините најголеми умови, нашите јужни соседи сè повеќе го присвојуваат". Работата е што дедото на Пупин, Арсение, бил всушност од Вевчани, а во времето на „Стара Србија" се преселил во Банат, каде се родил татко му на Пупин. Во Вевчани има нова куќа на темелите на старата, со кафана и музејска соба посветена на Михајло. „Цврсти докази од каде е баш неговото семејство нема, така што тоа што Вевчанци го присвојуваат не е во ред", остро реагираат некои српски историчари, додека други ја протежираат „влашката теза" за неговото потекло, кое не го исклучува и ова Вевчанското.

Понормален текст на оваа тема излезе пред некоја година во „Политика", во кој се вели и тоа дека Пупин никогаш не го посетил Вевчани, но се верува дека ја крстил единствената ќерка Варвара (Вава) според црквата во ова село, а врската со Македонија ја одржувал и со донации - ја подарил камбаната за св. Климент во Охрид во 1923, која чинела (точно) 14,540 американски долари.

Ако доаѓате во Белград деновиве посетете ја изложбата, па макар и не ве интересирале рентгенски зраци, пупинизација и радио бранови. Таа е уште еден доказ како музеологијата може да служи за конструирање национално самочувство без да ја вулгаризира основната тема - несомнениот придонес на Пупин за светската наука. Изложбата ќе биде отворена до февруари следната година.

20 ноември 2015 - 10:00