Лисен ту ми вери керфули

Французите учат англиски во воз

Часови со професор во воз за наши услови е незамисливо. Но како би било во автобусите да се пуштаат лекции по кој и да е странски јазик? За некој кој секојдневно шпарта од Ѓорче до Железара тоа по една година може да значи диплома за завршен курс. А за возачот - магистратура.

Додека ние мака мачиме со нивниот јазик, Французите се хендикепирани во однос на англискиот. Франција е на дното на европската скала по познавање на овој јазик, нуспојава на напорите да се заштити сопствената култура и писменост, што создава отпор но и практични проблеми за оние кои сакаат да научат друг јазик. Според француските закони странските емисии на телевизија мора да бидат синхорнизирани на француски, а не само титлувани, така што младите немаат шанса на овој начин да го усвојат англискиот (како што и нам ни е ускратена можноста да си го утврдиме турскиот).

Француската железница се досетила на нешто ем практично, ем забавно - на утринските возења од Ремс до Париз кои траат по 45 минути се држат часови по англиски, во мали групи, со професори чиј мајчин јазик е англискиот. Давид Потие, претставник на државната француска железница SNCF, вели дека откако пред неколку години е воведен експресен воз помеѓу Рем и Париз бројот на постојаните патници пораснал за четири пати, на 1,000 дневно. Оттаму има смисла на овие сигурни муштерии да им се понуди специјализирана услуга по пристапни цени, како оваа со штосно име English on Track.

Во воз е потешко да се пишува на табла и да се чита од книга, но затоа пак акцентот е ставен на дискусија и слушање, вели Афтон Перси, Канаѓанка која предава англиски во оваа програма.

Француската железничка мрежа е најголема во Европа, и пренесува повеќе од 100 милиони патници годишно на 800 линии. И иако возот до Ремс шива со над 200 километри на час, доволно е тивко за да се држат предавања.

2 април 2014 - 08:50