@KimKierkegaardashian

Егзистенцијалистот во Ким

После двоецот Карлеуша-Аристотел, еве уште еден, уште подобар: Ким Кардашијан и Кјеркегор, и тоа на Твитер.

Неодамна корисник на Твитер @limesandsmiles ѝ напишал твит на @KimKardashian во кој вели: „Интересно е што имаш исто толку следачи колку и население во Холандија! Имаш своја мала држава". Кардашијан го ретвитала ова, додавајќи свој коментар - „Уау".

Точната бројка на население во Холандија е 16,730,632, а бројот на оние кои ја следат Кардашијан на Твитер во моментов е „само" 15,470,535. Ама да не ситничариме..и така и така бројката кај Ким се менува секоја секунда. Она што некој се сетил да го направи е да го искористи овој факт, и да отвори твитер профил кој ги комбинира твитовите на Кардашијан со цитати од таткото на егзистенцијализмот, Кјеркегор. Првиот твит од @KimKierkegaardashian е испратен пред неколку недели и гласи: „Не можам да спијам. Скоро е шест наутро тука во Париз. Со саати играв овошни нинџи. Беден е човекот кој сака да биде поштеден од страдање!".

Вистинските твитови на Ким се главно банални, па кога ќе се спојат со добро одбрани коментари на данскиот филозоф тие се трансформираат во афоризми за животот, гревот и празнината. Фино нашминкани и во бикини.

 

23 јули 2012 - 10:10