Домаќинот на легендарното бифе на Атеље 212: „Помина времето на вињакот, дојде време на смудито“

Новица Никиќ за вработените и за посетителите на белградскиот театар Атеље 212 е легендарен лик. Во бифето поминал цели 45 години, и не се сеќава на полошо време од ова со коронава. Плус, кај се видело актери да пијат цедени сокови. 

Бифето на Атеље 212 во моментов е празно. На ѕидовите стојат само фотографиите од великаните на српското глумиште: Ружица Сокиќ, Ташко Начиќ, Драган Николиќ, Зоран Радмиловиќ. Новица Никиќ, стариот келнер кој е вграден во историјата и на бифето, и на самиот театар, во интервју за Новости, воочи пензионирањето раскажува за боемскиот живот, кој почнувал секоја вечер после претставата.

Како што знаеме и од нашите некогашни театарски бифеа, се останувало до зори, со музика и пеење, до толку гласно што соседот од куќата до театарот морал да ги соѕида прозорците. Се сеќава како еден од директорите на театарот, Мира Траиловиќ, се обидувала актерите да ги одучи од пиење со тоа што во бифето не смеело да се точи алкохол. И покрај ова, до крајот на претставата сите веќе биле пијани. Се открило дека зад секоја кулиса глумците оставале чоканчиња. На крај кренала раце и им дозволила да пијат.

Еден од управниците дури предложил да се воведат овошни и млечни денови во бифето, кога ќе се служат само такви пијалоци. Кога Новица го прашал како да му го објасни тоа на Љубомир Драшкиќ Муци, еден од „фиксните“ режисери на сцената на Атељето (и сопруг на Светлана Бојковиќ), кој очигледно имал проблем да го сфати концептот, управникот рекол: „Добро, нему може“. Откако следеле истоветни прашања за речиси целиот колектив, и тој се откажал од идејата. 

Дури и во текот на реконструкцијата на театарот, која почнала во 1988 и траела скоро четири години, бифето не било затворено. Во тоа време се пиело виски со шут или вар. На прозорците ставиле фолии, а поради мајсторите актерите морале да бидат погласни од вообичаено. Меѓусебно се опоменувале да не викаат толку, затоа што мајсторите од нив не можеле да работат. 

Новица памти голем број случки и анегдоти. Како кога Тања Бошковиќ играла боса на срча и не се исекла. Како Петар Краљ секогаш стоел на шанк, не сакал да седи на столче. Од 8 март до 4 април не пиел, „за да го исчисти организмот“. Тетратката со рабуш еднаш ја скрил во замрзнувач, за да замрзнат и долговите. Во клубот некогаш наминувале и Тома Здраковиќ, Тозовац, но и писатели, како Пекиќ или Брана Црнчевиќ. 

Според стариот добар келнер, боемскиот живот денес е заборавен. „Дојде некое друго време. Време на цедени сокови и смудиња. Веројатно старите актери се превртуваат во гроб кога слушаат што пијат младите глумци наутро. Би сакал бифето повторно да работи, макар во него да се служи и вегетаријанска храна“, вели тој.  

извор: Новости

16 февруари 2022 - 18:18