Дали пиратите ја измислиле демократијата?

Нова, постхумно издадена книга на прерано починатиот антрополог Дејвид Гребер, која официјално излегува утре, 24.1, тврди дека голем број вредности кои западот инсистира дека се негова рожба се всушност производ на протодемократски уредувања во далечни земји и на изолирани острови, некаде далеку од Европа. 

„Пиратско просветителство или реална Либерталија“ е наслов на постхумно издадена книга на Дејвид Гребер, кој почина во 2020 (за кого во неколку наврати сме пишувале тука), која официјално ќе се појави на продажните места утре, 24.1. Истражувајќи пиратска колонија формирана во 18 век на источниот брег на Мадагаскар, тој следи вистинска приказна на борба против тирани, родова еднаквост и директна демократија. Врвот на просветителските идеали според него не треба да се бараат во париската гилотина, туку во консензусот до кој се доаѓало преку долги состаноци на оддалечен остров.

Ова на некој начин е продолжение на првата книга на Гребер која излезе постхумно, „Муграта на сè“, која тој ја напиша заедно со археологот Дејвид Венгроу. И во неа се бранеше аргументот дека патеката на цивилизацијата не е линеарна и не напредува од ловечко-собирачки групи до хиерархиски комплексни градови-држави, без простор за човечка креативност или експериментирање. Таа, како и новата, нудат „дестабилизирачки алтернативи“ на овој мејнстрим наратив, во кој и покрај доминантните општествени текови има примери во кои луѓето се самоорганизираат и одлучуваат што сакаат да прават заедно.

Подетално, „Пиратското просветителство“ ја раскажува приказната за Том Ратсимилахо, кој успеал да ги обедини различните кланови од истокот на Мадагаскар во 1710. Тој владеел цели 50 години, а во текот на овој период успеал да воспостави чувство на заеднички идентитет и стабилност, нешта кои неговите наследници успеале да го уништат особено под удар на француските доселеници, трговците со робови и мисионерите. За него се вели дека бил син на англиски пират и мадагаскарска кралица, меѓу кои се развила врска откако кралицата му пружила гостопримство на Англичанецот. 

Но додека повеќето историчари ја нагласуваат европската страна на потеклото на Том како клучна за неговите демократски методи, Гребер тврди дека во основата на неговото успешно владеење стоеле домородни практики на прото- демократија, бунтовен локален дух кој пружал отпор кон централизираната власт од каков и да е тип, како и родова рамноправност - либерални елементи кои според Гребер неправедно се нарекуваат производи на западната култура. 

23 јануари 2023 - 10:46