Дали метрономот на Бетовен му бил расипан?

Бетовен бил еден од првите композитори кои работеле со метроном. Со оглед на тоа што првите излегле во 1817, тоа значи дека тој имал 47 кога оваа алатка станала модерна. Сега историчарите на музиката и диригентите мака мачат да сфатат дали пребрзите темпа на неговите композиции се грешка, или тој навистина сакал да се свират со неверојатна брзина?

Кога Бетовен имал 47 веќе го имал создадено поголемиот дел од творештвото кое денес го прави еден од најголемите композитори во историјата. Од деветте симфонии имал напишано осум. Кога го добил првиот метроном, измислен од Јохан Непомук Мелзел, германски изумител и соработник на Бетовен, најпрвин не бил воодушевен. Но по некое време се заиграл со него, па решил да се врати наназад и да го обележи темпото на сите симфонии, за идните генерации да знаат точно како сакал да звучат.

И тука започнува мистеријата. Затоа што брзината со која би требало да се свират некои од овие дела онака како што тој ја запишал е речиси невозможна. Петата симфонија на пример главно се свири со 74 удари во минута. Но доколку се оди според она што го запишал Бетовен, би требало да се свири со - 108!

Диригентите и музичките историчари со векови се расправаат дали Бетовен навистина имал намера да прави музички спринт или метрономот му бил расипан? Можеби неговото внатрешно темпо некако се изместило со оглед на тоа што до 1814 тој веќе бил речиси сосема глув?

Во подкастот на Рејдиолаб посветен на оваа тема под наслов „Брзо темпо“ (Speedy beet), се изнесува уште една теорија: дека сосема е можно Бетовен намерно да ставил побрзо темпо за да ги направи слушателите нервозни, да ги извади од нивната зона на комфор. Имено, постои нешто наречено Закон на Вирорд, откриен во 1860-тите од австриски доктор по име Карл фон Вирорд (за кој подетално пишувавме тука). Според него, доколку темпото е брзо, оној кој треба да го погоди најчесто го преценува количеството време кое поминало, односно доцни. А доколку е бавно, поранува, односно избрзува. Точното место кое притоа се промашува се нарекува „точка на индиферентност“, а според голем број истражувачи паѓа некаде помеѓу 94-96 удари во минута. Тоа е точката во која сетилото за време точно кореспондира со физичкото време.

Теоријата е дека Бетовен НЕ сакал неговата музика да звучи просечно, дури ни во смисла на брзина. Претерувал со темпото за делото да звучи како да бега од нас на многу реален, психолошки начин. И ова не е само некаква фиктивна конструкција, туку има и историски записи дека кога ја вежбале Деветата симфонија, соло изведувачите ја напуштиле пробата затоа што тој ги туркал до работ на издржливоста. Не го интересирало дали тие ќе прескокнат неколку ноти и изведбата ќе биде несовршена, туку му бил важен целосниот ефект - на итност и возбуда и на неприпадност кон „главната струја“.

Метрономот требало да ги разреши проблемите на ритмичка непрецизност. Наместо тоа, во случајот со Бетовен, ваквите ознаки ги доведуваат во прашање идеите за тоа како треба да звучи класичната музика. Со оглед на поширокиот концепт на неговиот живот, не делува дека метрономот му бил расипан, туку дека сето ова го правел намерно.

Види претходно: Бетовен бил црн?

4 јануари 2021 - 11:00