Дали е време да ја обновиме нашата порака до вонземјаните?

Се вика „Пораката од Аресибо“ и претставува меѓуѕвездена радио порака која вклучува основни информации за човештвото и Земјата. Испратена е кон ѕвезденото јато М13 во 1974. Група научници сметаат дека по речиси педесет години, време е малку да се освежи.

На 16 ноември 1974, на церемонија која го одбележувала ремоделирањето на радиото телескопот во опсерваторијата Аресибо во Пуерто Рико, емитувана е порака во вселената преку фреквенција на модулирани радио бранови. Пораката била насочена кон моменталната локација на ѕвезденото јато М13, околу 25.000 светлосни години од Земјата. Ова јато е одбрано поради тоа што е големо и релативно блиско до група ѕвезди кои биле видливи на небото во времето и на местото на церемонијата. 

Кога ќе се преведат во графика, 1679-те битови од информации даваат графичка порака која содржи голем број податоци. Меѓу нив се броевите од еден до десет; атомските броеви на водородот, јаглеродот, кислородот, фосфорот и азотот; димензијата на просечен човек и негова графичка претстава; визуелизација на сончевиот систем итн. Целиот пренос траел помалку од три минути.

Сега, после 50 години технолошки напредок, истражувачите од НАСА ја освежиле пораката, во прелиминарна студија објавена во пред-печатена форма. 

„Сакаме да испратиме порака во шише во космичкиот океан, да кажеме ’Еј, тука сме’“, вели авторот на студијата Џонатан Џианг, астрофизичар од НАСА. „Дури и ако нема да бидеме тука во годините кои следат“.

Новата порака, чие име е „Светилник на галаксијата“, вклучува повеќе информации од областа на математиката и науката; мапа на Земјата; подетални женски и машки човечки фигури; структурата и составот на Земјата; покана за одговор. Како и пораката од Аресибо, истражувачите и оваа ја замислиле како битмапа, што е начин да се користи бинарна структура за создавање пикселирана слика.

Секако, нема гаранции дека вонземскиот живот ќе ја разбере пораката или дека оние што ќе ја слушнат ќе бидат мирољубиви. Некои научници, вклучувајќи го и Стивен Хокинг, предупредуваа на активно пружање рака кон други форми на живот, велејќи дека тие можеби не би имале проблем да го уништат човештвото. 

„Не знаеме многу за вонземјаните, но знаеме за луѓето“, изјавил тој во 2015. „Ако погледнеме во историјата, контактот помеѓу луѓето и помалку интелигентните организми често резултирал со катастрофа, исто како и контактот помеѓу цивилизации со напредни наспроти примитивни технологии. Оние помалку  напредните завршиле лошо“.

Авторите на студијата предлагаат пораката да биде испратена во регионот на Млечниот пат околу 13.000 светлосни години од галактичкиот центар. Претходни истражувања покажале дека во оваа област „е најверојатно“ да се развил живот.

12 април 2022 - 09:23