Чудната врска меѓу Вуди Гатри и татко му на Трамп

Во декември 1950 Гатри потпишал договор за изнајмување новоизграден стан во Бруклин. На една страна на документот е авторот на „Оваа земја е твоја земја", химна на (замислената) рамноправност на сите што живеат во Америка. На другата страна е потписот на стариот на Доналд, Фред Трамп. Почудна комбинација, здравје.

Во богатата архива на Центарот на Вуди Гатри лоциран во Тулса се чуваат негови до сега необјавени ракописи, полни со горчина, за двегодишно живеење на спомнатата локација. Причината е расистичката политика на Трамп сениор кон потенцијалните кираџии, што особено интересно се вклопува во изјавите на Доналд, дека корените на неговите ставови се во оние на неговиот татко.

Во годините по Втората светска војна во Њујорк почнале да се слеваат стотици илјади луѓе, главно работници, со што евтиното сместување станало еден од итните приоритети. Одговорни за негово обезбедување биле државните и градските власти. Кога Федералната агенција за домување конечно почнала да дава заеми и субвенции за урбани станбени блокови, еден од првите кои се зафатиле со работата бил токму Фред Трамп. Тој не само што заработил огромни пари од градењето јавни станови, туку и од собирањето кирии за нивно издавање.

Комплексот во којшто живеел Гатри бил наречен „Плажарскo засолниште" (Beach Haven). За него Трамп подоцна бил испитуван од страна на Сенатот на САД, а врз основа на обвинувања за профитерство од јавни договори, односно заради тоа што нереално ги прикажал трошоците за градење на овој комплекс. Разликата помеѓу вистинската сума потрошена за градење и онаа прикажана од Трамп - 3,7 милиони долари.

Но она што го потресло Гатри било нешто друго - одредбата на споменатата Федерална агенција да се одбегнува „нехармонично користење на домовите", што било шифриран израз за забрана на продавање домови во бели населби на црнци. Вакви рестриктивни услови биле вообичаени за проектите на оваа Агенција, што се толкува како предавство на визијата на Њу Дил, мерките преземени помеѓу 1933-1938 како одговор на Големата депресија, коишто требало да овозможат помош за СИТЕ невработени и сиромашни, без оглед на нивната раса.

Гатри го сфатил ова по една година живеење во населбата „со боја на кринови". Во неговите тетратки тој смислува планови како да го претвори овој Трамп комплекс во заедница во која „лица од секаква боја ќе се смеат од овие сега празни засенчени прозорци", а по улиците ќе чекорат црни девојки кои ќе му се спротивставуваат на ветрот „држејќи си ги цврсто чантите и бундите".

За Гатри, Фред Трамп бил персонификација на сиот расизам кој не им овозможувал пристојно домување на илјадници семејства. На ова е посветена песната I Ain't Go No Home - во необјавените тетратки на Гатри постои верзија на стиховите во која експлицитно се спомнува Трамп (Beach Haven is like heaven/where no black ones come to roam/No, no, no, old man Trump/Вeach Haven ain't my home).

Во 1979, 12 години откако Гатри почина од болеста Хантингтон, репортер на Вилиџ војс објави фељтон во врска со империјата со недвижнини на Фред и Доналд Трамп. Во текстовите се спомнуваат судските процеси против Трампови од страна на Одделот за граѓански права на Министерството за правда на САД. Главното обвинување - расна дискриминација и ограничување на правото на еднакви можности.

Според Гатри белите расисти како Трампови се „далеку од Бога" затоа што „Бог не знае многу за какви и да било расни граници". Но ако некој се оддалечил доволно од Господ, тоа е можеби затоа што мисли дека тој самиот е Бог.

За оние што сакаат повеќе: шесте степени на раздвојување помеѓу Мегин Кели, Џек Керуак, Доналд Трамп и Вуди Гатри

30 јануари 2016 - 14:59