Што не кажувате вакви работи?

Библија во која фали едно многу важно „не"

Редок примерок од тн. „порочна" Библија од 1631, во која е испуштено „не"-то во една од 10те Божји заповеди, ќе се продава на аукција во Британија.

Коректорот на ова издание на Светото писмо или бил невнимателен, или оставил намерна трага во изданието од 17 век, и тоа ни помалку ни повеќе туку во една од заповедите, каде само еден збор може да направи голема разлика. Во Втората книга Мојсеева, стихот 14 гласи: „Врши прељуба!".

Денес најконтроверзната коректорска грешка во историјата е повторно актуелна. Примерок од оваа книга, од која се останати уште само десетина во светот, ќе биде ставен на продажба во аукциската куќа Бонамс во Британија. Причината за малиот примероци е јасна - откако била откриена грешката, речиси една година по печатењето на 1.000 примероци, повеќето копии биле изгорени. Печатарите, Роберт Баркер и Мартин Лукас, биле изведени на суд и казнети од англискиот крал Чарлс Први, при што ја загубиле и нивната лиценца како печатари. Баркер подоцна умрел во затвор за должници.

Ова не е единствената верзија на Библијата во која се провлекуваат (не)намерни грешки. Уште една од средината на 16век наводно содржела реченица која ја нема во другите изданија. Во Посланието на свети Петар, под „Должности на сопружниците", освен тоа дека мажите треба да ги почитуваат нивните сопруги како „послаби суштества", пишува и тоа дека ако тие од своја страна не се послушни мажот има право „да им го влее стравот Божји со тепање".

Но од разбирливи причини „Порочната Библија" предизвикува најмногу „хе-хе". Таа била печатена во време кога луѓето почнале да си купуваат сопствени примероци. Изданието било џепно, и прилично евтино, за и „обичните" луѓе да можат да си го дозволат. Тоа не било истото од кое читале свештениците, па токму тоа е веројатната причина зошто ваквата коректорска (?) грешка останала долго време незабележана или лукаво премолчувана

26 октомври 2015 - 09:20