Берлиналето укина награда поради нацистичкото минато на човекот по кого е именувана

Наградата воведена во далечната 1986 го носи името на основачот на престижниот фестивал, Алфред Бауер. Откако во нова статија се обелодени неговото нацистичко минато, организаторите веднаш реагираа со нејзино укинување.

Алфред Бауер, според ново истражување на Ди Цајт објавено на 29.1, бил и член на нацистичката партија и на предвоеното паравоено крило на нацистите, Штурмабтајлунг („кафени кошули“), кое одиграло главна улога во издигнувањето на Хитлер во 1930-тите. Тој исто така бил клучен играч во Рајхсфилминтенданц, тело воспоставено од Министерството за пропаганда на Гебелс во 1942, за да ја контролира филмската индустрија.

Во извештај за него за потребите на нацистичката партија, тој е опишан како „ентузијастичен член“, чии „политички ставови се беспрекорни“.

Бил назначен за прв директор на Берлиналето во 1951, а функцијата ја вршел до своето пензионирање во 1976. Истражувањето на Ди Цајт се повикува на документи пронајдени во Националниот архив, Берлинскиот архив и други извори според кои Бауер бил одговорен за шпиунирање актери, режиссри и други членови на филмската индустрија, а одлучувал и за тоа кој од нив ќе снима филм а кој ќе биде испратен на фронт. Се смета дека по војната систематски ги уништил сите траги за сопственото минато, а давал и лажни изјави за улогите кои ги имал во текот на војната.

Откритието, кое се случи кратко време пред отварањето на 70-тото издание на фестивалот планирано за 20 февруари, е голем скандал за Берлиналето, кое именувало една од најзначајните награди по Бауер, по неговата смрт во 1986. Признанието Сребрена мечка Алфред Бауер се доделуваше на режисери кои отвараат нови перспективи во кинематографијата.

Во соопштение на социјалните мрежи фестивалот изјави: „Интерпретацијата на овие извори сугерира дека Бауер бил на значајни позиции во текот на нацизмот. Со оглед на овие нови наоди, Берлиналето веднаш ќе ја укине наградата Сребрена мечка Алфред Бауер. Го поздравуваме истражувањето и објавувањето во Ди Цајт и ќе ја искористиме можноста за уште подлабока анализа на фестивалската историја со поддршка на надворешни експерти“.

31 јануари 2020 - 08:26