Алис Ремзи - првата жена која со автомобил извозила од еден до друг крај на САД

Во јуни 1909, Алис имала само 22 години, а автомобилите биле сосема нов изум, со клупи наместо седишта. Авантуристка по дух, таа поканила уште три другарки и на еден дождлив ден во јуни тие тргнале од Њујорк кон другиот крај на Америка.

Автомобилот бил темнозелен, со четири цилиндри, со јачина од 30 коњски сили, од марката Максвел. Не бил наменет за долги патувања туку повеќе за „парадирање“ - со две клупи и подвижен кров. Фотографите кои се собрале тој дождлив ден, на 9 јуни 1909, ја сликале и колата, но особено нејзиниот возач - 22-годишната Алис Ремзи, висока нешто повеќе од метар и педесет, со црна коса под гумениот шлем и визирот. Кога ѝ здосадила целата ука-бука, го бакнала сопругот и со уште три другарки тргнала на долг, трансконтинентален пат. 

Целта на Ремзи не било да испише феминистичка историја - иронично, но двајца мажи всушност придонеле за нејзинот подвиг. Сопругот претходната година ѝ купил автомобил откако едно моторизирано „чудовиште“ го уплашило нејзиниот коњ кога минал крај неа со брзина од (дури) 13 километри на час. Џон Ратбоун Ремзи тогаш одлучил дека Алис треба да има свое возило. Таа ја сфатила можноста сериозно, и тоа лето извозела неверојатни 10.000 километри по правливите „автопати“ близу нивниот дом во Њу Џерси. 

Откако се пријавила на предизвик за возење повеќе од 300 километри по лош терен, претставник на производителот на автомобили Максвел-Бриско се воодушевил од нејзината способност и смислил начин да си ја рекламира фирмата. Предложил платено патување доколку Ремзи му покаже на светот дека еден Максвел може да пренесе секого - па и жена-возач - од еден до друг крај на САД.

Во придружба на Ремзи биле нејзините золви, Нети Пауел и Маргарет Атвуд (да, исто име како канадската писателка), обете во нивните 40-ти; и Хермина Џанс, ентузијастична тинејџерка. Тие морале да ги почитуваат основите на автомобилската безбедност - да носат наочари и шапки и да си ги покријат долгите фустани со некој вид пончо-а за да се заштитат од прашината. Ноќевале во хотели и јаделе по ресторани, селски меани или просто се снаоѓале како знаеле и умееле. 

По патот им се случувале разно-разни ситуации. Еднаш среде никаде останале без гориво бидејќи заборавиле да го проверат резервоарот - постапка која подразбирало возачот и совозачот да излезат од колата, да го кренат предното седиште (клупата) и да брцнат лењир во него. Следниот ден, движејќи се низ кал во ниска брзина ја прегреале машината, па морале да пренесуваат вода од близок извор во чашките-држачи за четките за заби. 

Голем проблем било отсуството на мапи - дури и оние прирачници за навигација кои постоеле (од серијата Blue Book) давале насоки користејќи некои маркантни објекти по пат. Но понекогаш патот се менувал побргу отколку што тоа можеле да го регистрираат книгите. Жените се мачеле да забележат „жолта куќа и амбар“ кога требало да свртат лево; некој фармер кој бил против автомобилите намерно ги збунил со тоа што си ја обоил фармата во зелено. Западно од Мисисипи веќе немало книшки Џи-пи-ес. На моменти компанијата морала да ангажира возачи на кои областа им била позната, за да ги води. Па дури и тогаш автомобилите можеле да завршат во рудник или во песочна долина. 

Јавноста давала огромна поддршка. Локалците јавале со километри крај нив или чекале крај патот за да го видат тимот на Ремзи. Некои од нив гледале со подзината уста во чудото наречено „четири жени во автомобил“. Биле поминати само шест години откако доктор Хорацио Нелсон Џексон во 1903 прв го минал континентот со автомобил. 

Во Калифорнија пристигнале на 7 август 1909. Патувањето траело 59 дена и покрило повеќе од 6000 километри. По краткото уживање во славата, Ремзи се вратила во Њу Џерси со воз, каде го продолжила семејниот живот со сопругот и двете деца. Продолжила со автомобилските авантури, триесет пати минувајќи го истиот пат, од крај до крај на САД. Во 1960 Здружението на производители на автомобили ја именувале „Прва дама на автомобилските патувања“. Следната година таа ги објавила мемоарите за нејзиното патешествие од 1909. Подоцна извозела пет од шест премини на швајцарските Алпи, откажувајќи се на последното патување поради докторска забрана поврзана со нејзиниот пејсмејкер. Починала во 1983. 

8 јуни 2023 - 08:01