60 години од „Птици“ на Хичкок: како авторката на расказот врз основа на кој е снимен ја предвидела еколошката криза

Антологискиот филм на Хичкок, „Птици“ е снимен врз основа на краток расказ на Дафне ди Морије од 1952. Во него промена во однесувањето на птиците се поврзува со влијанието на технолошкиот развој по Втората светска војна.

Птиците се нарекуваат „барометри за здравјето на планетата“. Денес, речиси половина од глобалните видови се во опаѓање. Ова секако е поврзано со влијанието на човекот, кое било забележано и во средината на минатиот век, барем во областа на книжевноста. 

Имено, во краткиот расказ на Дафне ди Мориje, „Птици“ од 1952, луѓето во британскиот регион Корнвал се зафатени од ненадејна апокалипса предизвикана од гневни и неиспровоцирани напади на птици. Според него Алфред Хичкок го има направено својот славен филм, коj оваа година слави 60-та годишнина. По тој повод повторно се анализира и спомнатиот расказ, кој покажува како авторката предвидела некои од најголемите еколошки предизвици.

Во својот мемоар од 1989, ди Мориje пишува дека за расказот била инспирирана кога во истиот тој Корнвал видела трактор како ора по нивата опкружен со „облак галеби кои вриштат“. Истата сцена е прикажана во филмот, кога нараторот, ветеран од Втората светска војна, Нет, (го игра Род Тејлор) го набљудува необичното однесување на птиците: „Додека тракторот си го трасираше патот, човекот на него одеднаш се загуби во голем облак од крескави птици“.

Иако птиците на есен секогаш го следеле тракторот, тоа никогаш не било во толкав број ниту со таква морничава врева. Оваа сцена е веројатно клучна, затоа што возилото е синоним за механизацијата и промените во пејзажот.

Земјоделската екологија се има променето од 1950-тите, барем во Европа и САД, со создавање на големи поседи и елиминација на ниската вегетација која претставувала меѓа помеѓу поседите, за да се овозможи индустриската обработка на земјата. Ова создало ситуација во која шансите за опстанок и репродукција на животните зависеле од тоа колку се компатибилни со потребите на човекот. 

Во расказот птиците го заслепуваат возачот, што се толкува како метафора за тоа дека луѓето не успеваат да ги забележат и превенираат промените во природата која им штети на останатите суштества. Нет, за разлика од ова, повеќе ги сака традиционалните методи и бргу сфаќа дека пукањето во птиците кои го практикуваат неговите соседи не може да даде резултати. Но неговите повици се игнорираат, а неговата приврзаност кон традиционалните методи се толкуваат како примитивни. Работата станува сериозна кога фармерот е најден мртов со неговата пушка, а борбен авион паднат покрај тракторот е соборен од птиците. 

Ди Морије замислила свет во кој луѓето се сè повеќе отуѓени од својата животна средина. Но истовремено таа прикажува како социјалните и економските инфраструктури кои ги земаме здраво за готово се кршливи и на крајот на краиштата неодржливи. „Птици“ е песимистичка приказна. Во неа птиците се насилни емисари на смртта. Таа во своето време ги вадела од памет своите читатели со ваква мрачна визија на иднината, која сега е поблиска до сегашноста. 

извор

12 април 2023 - 14:33