Руски страв од кинеската змија

На вечната дилема "змија или магаре," рускиот одговор недвосмислено би гласел - магаре! Русија толку пати во историјата се има изгорено од годината која по кинескиот хороскоп е во знакот на змијата, што нејќат да ја видат. А им почнува денес.

На 10 февруари започнува новата кинеска година која во следниве 12 месеци ќе биде во знакот на змијата. За Кинезите ништо посебна година, особено во однос на змејот кој традиционално им носи најголем бериќет. Нападите од 11 септември, Тијенанмен или Големата економска криза се случија во знакот на змијата. Годинешнава е посебно мутава бидејќи е "змија од црна вода", симбол кој им се паѓа еднаш во 60 години.

Но, Кинезите настрана. Оние кои историски имаат најмногу причини да стравуваат од кинеската змија се нивните западни соседи, Русите. Малерот ги фаќа уште во 19-от век, кога во 1881 година, година на змијата, им го убиваат царот Александар Втори - Ослободителот.

А целиот 20-ти век не можат глава да кренат токму во годините на овој знак. Ваков им е скорот:

- Во 1905-та започнува првата руска револуција што го означува почетокот на крајот на царистичкиот режим.

- 12 години подоцна, доаѓа Болшевичката револуција

- 12 години подоцна започнува суровата колективизација.

- 12 години подоцна ги напаѓа Хитлер и ги вовлекува во Втората Светска војна.

- 12 години подоцна им умира Сталин.

- А во 1989-та година, исто година на змијата, се распаѓа моќниот Советски Сојуз.

Руските астролози се поделени околу тоа што може земјата овој пат да очекува од лошиот знак. Едни најавуваат нова револуција, други предвидуваат економски колапс. На политичарите од власта најблиску им се мудрувањата на оние астролози кои тврдат дека земјата се наоѓа среде политички и социјално мирна ера која вкупно ќе трае 52 години и ќе биде жестоко раздрмана дури во 2053-та година.

2053-та е година на змијата.

10 февруари 2013 - 19:02