Видео

Виндоуз во живо

Како би изгледале нашите животи кога би биле потпрени на оперативниот систем на Бил Гејтс?

7 пати Creep

На почетокот на април, Кери Манолакос, поранешна ѕвезда на Бродвеј и текстописец, го заврши концертот во Њујорк со Creep од Radiohead. Видеото некако стигна до Гавкер, кои нејзината верзија ја нарекоа "вознемирувачки добра." На повеќе, Кери и шест други преработки на Creep.

Работнички. Сексуални работнички.

Луиза и Мартине Фокенс се идентични близначки. Легенди во црвеното маало на Амстердам, со импресивен стаж од 40 години во областа на проституцијата. Две жени кои успеале да избегаат од теророт на подводачите, да отворат свој бордел и да основаат неформален синдикат кој ги штити колешките. Респект тетки!

Калимеро е машко

Никогаш не се залетувај по автобуси и девојки. За автобусите, другпат.

Заразно преправање

Тоа што дечкото се преправа дека умирa од смеење нема да ве спаси да не се заразите. Ако е се во ред со вас. Ставајте на рингтон или аларм, нема шанси да не ви биде подобро.

Кога ќе налетате на работа

Силни сте, цврсти, сте научиле да покажете и рогови ако треба. Но, еден ден сфаќате дека се наоѓате на погрешната страна на животот. На спротивната е сè што посакувате: забава, пријатели, љубов, секс, слобода. Се затрчувате и... наидува вашата работа.

12 г. во 2 м.

Првите 12 години од животот на ќерката, спакувани во 2,45 минути. Да прашате кој било родител, ќе ви рече: Долго е ова, мене побрзо ми летна времето.

Свадбени танци и ора

Не, не баш. Оваа компилација од стотина весели свадбени кореографии е кога ќе дојде време за музика "за младите". Пајдушко и онака сите знаеме.

Златни јајца

Така се вика квизот а целта му е ја тестира човековата лакомост или подготвеност да му верува на противникот. Овде имаме една тотално луда завршница.

Зен на денот: два вида жени

Дневникот на Радио Телевизија Србија не се занимава само со дневна политика. Истражувачкиот дух на новинарите ги води кон луѓе кои продреле во некои универзални вистини.

Ликови од вашата вежбална

Како и во вистински живот, така и на интернет пародии, никој нема каква било забелешка на женски што одат во "теретана". И веројатно тоа е поштено. Ова се пет типови на вежбачи што можат да се сретнат во секоја вежбална. Оној што нема да го препознаете, веројатно сте вие.

Гаџетот на 1966-та

Сигурни сте дека денешната помама по Ајпади и курчења со Ајфони ќе им биде нешто поразбирлива на нашите внуци од ова?

Работа 2.0

Не дека правање сајт е работа која не ни прави огромен ќеиф. Ама, да бидеме искрени со вас, во моментот кога ЈП Улици и патишта ќе набави едно вакво, затвораме дуќан и одиме таму.

Жив одвнатре

Убава приказна за моќта на музиката. Хенри е стар, дементен дедо од старечки дом. Ретко отвора очи, не реагира на ништо, речиси билка. Сè додека не слушнал песна од своето време.

Дрогаш еден масен

Неименуван коментаторски талент од Црна Гора врши пренос од концерт на Стоунси, со посебен осврт на тактиката на еден - од дрога пролупан - посетител. При што и коментаторов звучи како да е на хемија.

Темпера, црн појас

Има бел лист, темпери, четка (за фарбање), ноже и нешто помалку од 7 минути. Што може вие да направите за тоа време? Да спомнеме дека има и еден куп вештина за цртање.

'Ршум на полека

За сите што од секогаш сакале да видат како изгледа глупоста на 2.500 фрејмови во секунда, ама немале 100 илјади долари да купат таква камера. Преполно со идеи што никому не треба да му текнат.

Модата е слепа

Ете. Можно е да се види како манекенка паѓа од пистата (два пати) а да не се помисли веднаш: Глупача една, не знае да оди! Али, oнда, кој ѓавол па  прифатила да носи таква "мода"? Енивеј, манекенка паѓа од писта. Два пати.  

Тестираме емпатија

Чудна е тоа работа: способни сме да сочувствуваме со некој кој има телесен хендикеп, ама додека не утврдиме дека истовремено е и глуп. А нефер е тоа, биинг глуп е особено за жалење.

Проблемот да се биде Мајкл Џордан

6 шампионски титули, 5 пати ЕмВиПи на лигата, 14 пати ОлСтар играч, 32.292 кошеви, 6,672 скока, 5.633 асистенции во НБА и ништо од тоа нема врска со тебе.

Кога фудбалот е многу фудбал

Како што нашите телевизии со тек на годините успеаа да не куртулат од маки како гледање бокс, хокеј, скијање, европска кошарка, НБА, така кај да е ќе не спасат и од фудбал (германско го прежаливме одамна, англиско кај да е). Да не беше така, сега и ние вака ќе требаше да се нервираме за премногу фудбал на ТВ.

Цвеќарата на Милошевиќ

Дали Милошевиќ денес ќе продаваше цвеќе а Пол Пот ќе беше мирен кројач? Само сонувајте, диктаторите не престануваат сами од себе да бидат диктатори, порачуваат луѓето кои сакаат Омар Ал Башир да одговара за злосторствата во Дарфур.

Му се може

ТВ вклучување на еден човек по име Кевин Систром во кое тој ја изразува својата весела природа. Што треба да знаете за да го разберете неговото урнебесно расположение? Дека Систром е еден од основачите на Инстаграм за кој Фејсбук ќе изброи една милијарда долари. Е, мнооогу смееешно, мнооогу смееешно....