Забава

Облеко моја, дојди да те хакнам

Освен онаа финта со патентот, другиве  - многу досетливи! - бајпасирања на проблеми поврзани со облеката, досега не ни затребале. Ама па, прав маж никогаш не знае кога ќе посака сам да си го закопча вечерниот фустан.

Добра си ма!

Една слатка буцмаста девојка која ќе ви покаже дека не ви треба фризер за да си ги средите шишките.

Мултилевел маркетинг кај Џон Оливер

Кај народот познати како „Јеховини сведоци за пари“, или „А за тоа ме бараше другарка ми од средно“, или „Барем да знам на кои роднини да не им се јавувам“. Во бизнисот познати како „индустрија што во САД заработува 36,12 милијарди долари годишно“. А сега, сè што не сакавте да знаете околу бизнисот.

Микро-имитации

Формулата е: таа и таа славна личност, во таа и таа ситуација. Дана Карви тоа го прави 17 пати.

Да видите која лепенка е Гери Џонсон

Пишувавме и за него и за неговите, ама да го видите на една трибина за марихуана (како брат Љубе кога залегнуваше). Гери Џонсон беше гувернер на Ново Мексико и сега е лидер на третиот пат  во трката за американски претседател. Уживаше поддршка и до 9% од гласачкото тело што значи дека 10-тина милиони Американци би сакале баш тој да ја води оваа светска супер сила. 

Кој е за искрена медитација?

Препуштете им се на инструкциите и релаксирачката атмосфера на видеото. Откако ќе се ослободите од баластот во себе, од вас треба да излезе едно просветлено: Fuck That!

Проклетството да го добиеш тоа што ќе го побараш

Или по ново кажано: Спиеш ли мирно Џоне Оливере? Снимката е од летото 2013, кога Оливер го менуваше Стујарт како водител на Дејли Шоу.

Како се доцни на работа?

Прописно долг список на сите можни настапи, ролји и оправдувања кога доцните на работното место.

Кога ти си ѓубре, а она е пасив-агресив

Како што ќе каже првиот коментар на Јутјуб: "Носи црвено за да не се познава крвта."

Кога Џон Клиз ќе ти напише скеч

Двајца комичари започнуваат кореспонденција со Џон Клиз во која го замолуваат да им состави еден скеч што тие ќе го изведат кај нив во емисија. Клиз како Клиз, они двајца брилијантни.

Кралот на крукчињата

Овој е толку напред во правење крукчиња од дим што следна фаза би му било да прави триаголници.

Мама лама

Еден ден ќе порасне детево и можеби ќе наиде на стари снимки, кога мајка му била млада, нежна и сочна. Го плукна бе!

Наши не научија, тој ќе научи

Дечкото е полиглот и ова чисто за да го запознаете, да нè потсетите да видиме како му оди. Си дава задача следните два јазика да му бидат македонски и унгарски. На нашиов ќе одвои три месеци, за унгарскиот година дена. Баш да видиме. Ок, струмичани секогаш можат да го заебаваат додека не успее да каже: ИЗДЕЗОДОРАНСИРАЛИСЕ? (превод за вас другите смртници: "Дали стави дезодоранс?")

Кој бира, мастурбира

Ок, има и пофини начини да се долови наравооучението на ова видео, ама па, нема поефикасен.

Татко е за страдање

Од мајки се учи како треба, од татковци - како не треба. Некогаш страдаат тие, некогаш оние на кои им се паднале. Битно, страдањето е општо.

Кога муабетат две Мисици

Си биле две мисици. Едната од Филипини, другата од Австрија. Оваа од Филипини пробува да започне пристоен муабет со колешката, давајќи ѝ до знаење дека не е до толку без информации за нејзината земја.

Најбрзиот рапер против најбрзата дактилографка

Тој има 60 секунди на Гинис да му докаже дека е најбрзиот рапер на светот. А таа веќе е влезена во книгата како најбрза и му фаќа стенограм. И после му чита што кажал. Не му чита многу.

Некој само што победи во интернет

Појака порака од Бенд еид, Лајв еид, Ју рок мисија, Битлси и Ју ту заедно.

Веројатно најдоброто парче од Џон Оливер

И видеото воопшто не е ни од Минатата недела вечерва, туку години пред ХБО да му даде негово лично шоу додека уште беше кај Џон Стујарт.

Али Џи на фарма

Али Џи е нашата омилена инкарнација на Саша Барон Коен, и повеќе од Борат. Седна со стариот и душа му извади.

Луѓе, не се издржувате

Жената проба, стварно ја впрегна сета своја сериозност за прилогот да биде разумно и смирено пренесен, ама некогаш не се додржува, посебно ако тоа некогаш е - човек што решил да стане коза.

Хилари меѓу папратите на Галифинакис

Меѓу стандардно ужасните (одлични) фори, Галифинакис успева на Хилари да и прошверцува неколку тешки прашања и една реклама од Трамп (да го поздравиме спонзорот на емисијата).

Најкреативните навреди за Доналд Трамп

Низ цела кампања Трамп дели навреди на секој што ќе му се најде на мета или е следен за требење, и овие навреди најчесто се на ниво на второоделенец: "лажго," "крадец," "мали"... Во исто време, комичарите не можат да се сопрат да го пердашат Трамп. Ова се дел од нивните собрани дела.