Забава

Зад заедничките селфија на Инстаграм

1000-те зборови што не ги кажува заедничкото селфи ги имаш во видеово на парот со длабоко разбирање и инсајдерски информации за тоа што значи да си во врска.

70 брзозборки на 70 јазици

Во отсуство на нашите („Шиме ѝ го шибна на Шана“, „Издездорансиралисе“, „Професорот вика, вика не се вика вика, туку вика се вика вели“) за убедливо најдобра ја прогласуваме брзозборката на Босанецот. Пазете само колку тешка конструкција нему му се падна!

Родителски паралели

Еден индиски стенд ап комичар (Ромеш Ранганатан) кој дошол до буквално истата поента на еден наш маалски родител за тоа зошто не треба многу да се секираш ако детето уште не знае да користи веце шоља. А има и други добри поенти.

Слатка верзија на „прасе во џамија“

Донеле куп колачи и бесплатно ги делат пред теретана. И плус јадат пред излогот, оние маченици внатре да гледаат и да си ја челичат волјата. Нормално, не проаѓа без реакции од надлежните чувари на здравиот живот.

Ритамот на говорот

Кога размислуваш како чекан, во сè гледаш шајки. Истото важи и за тапанарите.

Како изгледаше хаосот на Црниот петок во Финска

Од Алабама па до скопски Сити мол, тие сцени на шопинг лудилото на Блек фрајдеј изгледаат идентично тажни и шокантни: буткања, влечења, грабања, дрпања, газења преку други луѓе (бидејќи себе веќе си се прегазил кога си решил да си дел од тоа стадо). Чекајте малку, да ја видите Финска.

Доцна е за „Cut!“

По реакцијата на неговата партнерка во сцената од филмот „Омразената осумка“, ќе сфатите дека само на Курт Расел не му е јасно дека она што го држи в рака не е евтина реплика туку автентична и непроценлива Мартин гитара стара 145 години. Бидна.

Кој тоа има задремано на концертот?

Оркестарот е американски, музиката руска (Стравински) а за главниот јунак знаеме само дека најверојатно е жена.

Пица за комшијата

Ни станува јасно зошто на Јапонците им требаа шест и пол години да го најдат стопениот ураниум од Фукушпима или зошто Кинезите им купија четири од шесте најголеми прозиводители на телевизори. Други вештини сега тие развиваат.

Уапсениот кој треба да има свое шоу

Сме виделе вакви сцени на апсење (хинт: Воденица, брат Љубе, откако „го наместија“ со помош на мистериозна сила која му ја мрдаше раката накај ковертот), но не и некој вака да го задржи својот заебантски дух додека го апсат. „Уууу, јак си“ му вика на пандурот и после го потсеќа дека и „најсилните имаат своја нежна страна“. Цар.

Русиве ги решаваат најбитните проблеми на денешницата

Како да сипеш Кока кола а да не ти се направи цела чаша пена, па да чекаш пената да слегне за да ја дополниш чашата. Алатката која ќе ви помогне во тоа не е руска ама размислувањето е.

До сладолед никој не дошол потешко

Сме виделе ранети предатори и деца во Африка како полесно доаѓаат до оброк од овој кутар дечко. Викаат, од тогаш само на стапче јаде.

Ако Гугл беше човек

Странката: Дали вакцините предизвикуваат аутизам?
Гугл: Имам еден милион резултати кои викаат не, и еден резултат кој вика да.
Странката: Знаев!

Кимел традиционално ги порази децата на Америка

Пак истиот предизвик од Кимел до родителите, да им ги земат сите бомбони, чоколатца и какви сè не благца што маливе ги собрале претдходната вечер по куќи, и да им кажат дека ги изеле. Родителите пак повеќе од волни да соработуваат со Кимел против родените деца.

Аниматорот

Се вика Ник Мареј Вилис и цртањето не му е толку силна страна колку што му е наоѓањето перспектива што ти не ја гледаш и тоа да го искомбинира со анимација. Еве го на тема филмови и на тема фудбал.

Другарите се познаваат кога си досаден со инстаграмот

Само вистински другар ќе ти влета со вилушка во јадењето што пробуваш да го сликаш за на Инстаграм, затоа што прво, никогаш нема да станеш фотограф; второ, многу мерак се прави на оваа страна. Муш!

Насмевката на Јашар

Јашар не е нешто посебно талентиран но се смее на начин кој го прави ѕвезда. Таман.

Војводата и сердарот

Се знаеле многу години и многу филмови имале заедно гледано. А нас многу нè чеша да ви откриеме кому Харви Вајнстин (и Џенифер Лоренс) ќе му доделат награда, но штом го слушнете името, конекцијата меѓу него и Харви ќе ви добие на квалитет.

БиБиСи Аналогна

Како изгледа кога една таква куќа ќе почне да штеди. Некогаш носеа ајпади, сега му фукнале топ хартија А4, да има што да држи во рацете.

Двојка осудена да успее

Таа мисли дека мајка му живеела 10 децении, а тој не ни знае што е деценија. Нормално, победа.

Запознавање со Рејџ

Дечкото е хипхопер но решава да му даде шанса на нешто што дотогаш никогаш нема слушано. Се работи за првиот албум на Rage Against the Machine. Да видите какво просветлување му се случи!

Не си ти дечко најбистар

Апашов решава да ограби рецепционерка, ама го копка и што има внатре. А внатре, бразилска академија за џиу џицу.

Сигурни сте дека никогаш не вреди да се лаже?

Старава има Алцхајмер. И ќерка ѝ секој ден ѝ кажува дека е трудна. И таа одново и одново се радува. Aјде, што фали?

Детето и куклите

Некој зелен во негова близина решил да му ги одмили куклите, сега, секогаш и во вечни времиња.