Забава

Сајтовите во 2018 година

Исто како и до пеколот, и патот до денешните веб сајтови е поплочен со добри намери. Сè е тоа фино, приватност, доброволност, желба да се остане во контакт..... Ама дур дојдеш до некој сајт, да заборавиш зошто воопшто си тргнал таму.

Како кого од нив двајца ќе остариме?

Разгледајте вести, медиуми, мрежи, хистерии, човечки гадови и сподоби раширени по нив кои секојдневно го вадат најлошото од себе (притоа горди на тоа) и ќе ви стане јасно на кого типуваме.

Кај што некои шијат, тие штепуваа

Пајтоновци веројатно знаеја дека на стари години ќе имаат попаметна работа, на пример да пецаат риба, па се заебаваа со теми кои уште не беа стигнати на дневен ред. Ова е од 1979 година.

Прав маж секогаш е во кујна

Жена се враќа дома порано од работа и го наоѓа мажот во кујна, место на кое нему ниедна задача не му е претешка. И ете ти ја неа, одма да сними видео од тоа, да се пофали кај другарките. Блазе си им на тоа Русинките.

Навежбан удар

Ова е проблем на сите потези во контактните спортови. Колку и да се навежба некој потег, доаѓа време кога тој треба вистински да се проба. А тоа не испаѓа секогаш како на генералната.

Како да се појавиш на прес?

Ќе понудиш да го преведуваш она што се зборува на пресот на јазикот на глувонемите. И после ќе си мафташ со раце фристајл. Барем на двајца во Америка финтата им има успеано.

Дупло кање

Статиката на овалната соба едвај го издржа интелектуалниот габарит на последната средба. Кање одржа еден лудачки 10 минутен солилоквиј (нагалено: лупетање) додека Дамб гледаше со полна концентрација (нагалено: ко теле). Заебавајте се вие ама ќе дојде ден кога на некое кутро дете, комплетно спремно за Демостен, Черчил или Мартин Лутер Кинг, на час по историја ќе му се падне да одговара за „Говорот на Кање Вест во Белата куќа“. 

Алтернативна математика

На тест по математика, малиот напишал дека 2 плус 2 е еднакво на 22. Учителката пробува да му објасни дека операцијата собирање не значи спојување на бројките од задачата. И тука почнуваат компликациите. Кратко филмче во чест на сите даскали, напатени од системот, директорите, медиумите, а сè во име на нивното височество разгалените деца и единственото нешто што денес е бетер од нив, нивните родители.

Клучот на универзумот, изволте

Ќе го имате клучот на универзумот ако успеете да убедите некого да го изгледа следново видео кое открива дека големата тајна на универзумот е во бројките 3, 6 и 9. Ама ферски, до крај да се гледа, инаку не фаќа клучот. 

10 диско заповеди

Едно 12-13 години има од овој каноник. И сè уште секоја заповед (која е поврзана со човекот а не со технологијата) е актуелна и важечка.

Магија без илузии

Лиоз Шем Тов е реалист (демек обратно од илузионист) од Израел. Тој не само што ќе ви ги покаже своите ментални супер-моќи туку ќе ги разбуди и вашите. 

Луѓе, излечен сум!

Како Господ никој не е. Освен можеби мотор кој шиба накај тебе и нема шанси да спасиш глава ако не рипнеш од инвалидска количка.

Кажи ѝ го името, слободно

Двотретинското мнозинство во колата решило да слуша една песна (Come on Eileen, од Dexy's Mindnight Runners). Останатата третина, баш пред рефренот, пука и веќе не може да додржи.

Како се победува на караоке

Дечкото се намести, трпеливо  почека да му дојде текстот за пеење и - победа! Наравоучение: кога не те бива за нешто, најпаметно е да го избереш она што најмалку те резили. 

Пилкингтон на утринска

Човекот кој го прогласивме за наш Буда, господар на здравиот разум, шаолин мајстор на способноста ништо да не може да те одушеви, Карл Пилкингтон, има ново шоу и сега шета малку по телевизии да го рекламира. „Sales“ поентата му е генијално искрена: ако ви се свиѓаше она што досега го правев, ова новово нема да ви се свиѓа.

Дали курвата (Ѓ. Балашевиќ) се враќа?

Многу е глупо кога не можеш нешто да провериш дали функционира затоа што на работа ја немаш потребната опрема. Па го објавуваш тоа на сајт, само за да се потсетиш на тоа кога ќе бидеш дома (иначе, ќе заборавиш). И сите да те видат што уствари те занима....

Испадна и домашна верзија на „Царот е гол“

Првата, професионална верзија ја имате тука а финтата е во тоа што публиката е инструирана да се преправа дека магионачарот стварно успеал да го снема човекот. Во домашна атмосфера тоа изгледа многу побрутално. Го збудалеа малиот.

Животот како фудбалски пренос

Да се разбереме ова се само фино склопени извадоци од фудбалски натпревари, ни фудбал, ни живот не е вака интересен цело време.

Дали е хлороформ за верување?

Од сите работи за кои не и верувате на науката можете да почнете да го тестирате „митот“ дека хлороформ може да те онесвести. Дечково го има целото упатство, брзо е, кратко и јасно.

Кога нема кој да каже „Царот е гол“

Џастин Вилман во серијалот “Magic For Humans“ (го имате на Нетфликс), демонстрира една техника која одамна е позната од детските сказни а во ново време постојано се вежба преку партиски собири. Наравоучение: кога во публика се твои луѓе, секого можеш да убедиш дека си најјак.

Еврибади денс нау

Многу скоро, ништо што ќе погледнеме на видео нема да биде реално. Едвај чекаме да видиме како ќе изгледаат видеата на Мелита. 

Што знае Ганди што е јога

Човекот кој е скоро па заштитен знак на јогата, оди на час во едно од овие „јога-студија“ кои се заштитен знак на речиси сè пак што е неподносливо околу јогата.

Како времето ги брусеше Камењата

Фото-портрети на луѓето од Стоунси, бендот во кој денеска заедно имаат близу 300 години. Како се менуваа тие неповторливи ликови, од 1962 година до денес. Да не може човек да се реши кога била најружни.  

Се претера со уметноста

Следново се случува во Монтреал, овие се Ле Мутонс (mouton = овца) и се крајно упорни во тоа, и во која и да е пораката што ја имаат.