Забава

Муезине, напни тоа минарето

Можете да ја замислите таа запрепрастеност: од џамија во Измир одеднаш одекнува - „Бела чао“!? Турските власти и надлежните за верски прашања ветија дека ќе откријат кој стои зад оваа партизанско-субверзивна дубара. Додека тие откриваат, ние да слушаме. 

Купување маска во Русија

Како и во секоја друга земја, и таму можеш да купи маска сабајле и поручек, со кеш или картичка, една или десет.... Секако и на секој можен начин, само доколку - имаш маска. Без маска не ти даваат да купиш маска. Руска квака 22.

Детето на кое веќе му е јасно

Прашањето е едноставно: Како се вика човек кој е на власт? Одговорот е уште поедноставен.

Изгоревте за добра теолошка дебата?

Две божји чеда се расправаат за прастарото прашање дали постои Господ, актуелизирано низ дилемата каде е тој во ситуации како што е тековната пандемија. Оној кој не верува Господ и неговата апсолутна непогрешивост има бааги лични причини за таквиот став а оној пак другиот, е најпогрешниот човек кој може да го посака екипата на „Верници“. Накратко, непомирлива расправа како меѓу Кристофер Хиченс и Ајатолах Хомеини, од двајца ликови како штотуку излезени од кај Жељко Малнар.    

Да ви покажеме нешто генијално

На Архимед во када му текнало она Еурека а на Исак Њутн требало да му падне јаболко на глава за да му се запали сијаличката. Овој револуционерен саунд инженер стоел до џамот на својата дневна соба и си викал: што можам јас ваков да извадам од оваа ситуација?

Од некои вегани да ти се одјаде било што

Мала група неталентирани вегани решиле да направат драмолетка за да ги доловат поентите а нивната прехрамбена кауза и уствари да ни покажат зошто нејќеме да сме од иста со нив, по ниедна основа. Да ти падне жал за сите растенија што ги изеле додека станале вакви. 

Дајте му нему, вино, ракија

Во Индија продавниците за алкохол биле отворени после 40 дена катанец. Да ги погледнеме редовите од овие пресушени аџии.

Стриминг потег на денот

Дали на онлајн деловен состанок, или нa онлајн настава а најубaво во живо во дебатна емисија, ова мора некој да го направи и кај нас.

Жена, мајка, диктаторка

Една онион класика која фино легнува на муабетите за Северна Кореја. Прогресивните сили во светот здушно ја поздравуваат првата жена диктаторка исчекор кој го оценуваат како значајна победа во борбата за женски права и рамноправност меѓу диктаторите.

Марвел пишти од Галичник до Река

Во турската верзија на Спајдермен, тој е апла терсене дечко и се прави бербат со Јузбаши Америка и мексиканскиот пеливан Санто. А кога е ифрит, прави пуздер по родово неутрална линија. Ептен пезевенк.  

Гости во студиото

Супер приказна за двајца будалетинки кои сфатиле дека во оние утрински/дневни емисии им е најбитно да ја пополнат програмата и минутажата и дека не прават некој професионален ветинг на гостите па почнале да се појавуваат по телевизии како експерти за јојо, готвачи, фитнес гуруа... Ех, ние какви експерти и аналитичари се изнагледавме по дебатни емисии.

Кој е за тенис?

Две Италијанки кои живеат во две соседни згради си го решиле проблемот со својата пасија и во време на карантин. Ама, лесно е со тенис, оди да те видам со табла. И да смислиш како, ќе ти треба и трета зграда за од неа некој да ти ц'цка дека си одиграл лошо

А сега нешто убаво: Глобален Чан Чан

„Playing for Change“ е проектот на Марк Џонсон од кој лани излезе „Weight“ на Роби Робертсон (за раѓањето на песната - тука). Сега се решиле за кубанскиот класик кој го популаризираа Буена Виста во 1997 година. Снимано е во Куба, на локации во САД, Либан, Јапонија, Мали... и ти доаѓа да излезеш на улица и да се разиграш.

„Фитнес“ „инфлуенсер“

Една од поважните поенти од пердашењево „фитнес инфлуенсери“ е: „моето тело изгледа добро затоа што сум доволно млад па мојот неук начин на исхрана се уште немал доволно време за да ме стигне... а вложувам многу напор за истите тие пракси да им ги проповедам на моите следбеници.“

„Дај едно пиво“, по ново

Ако „дај едно пиво“ ви е стандардна нарачка во вашата омилена кафана, кафиќ, ресторан, бар, лаунџ бар, бистро, кај Пуно или друг објект од забавно-алкохолна природа, не мора да ја менувате нарачката кога ќе заврши ова срање од пандемии и карантини. Само треба да им објасните на луѓето што сега подразбирате под тоа.  

Што, сега и Џонтра е сељак?

Колку само малку треба еден фраер како Џон Траволта да заличи на џибер од Сурдулица. Ништо постпродукција, си-џи-ај, такви финти. Само смени му музика и ете го него. А му личи, мајку му!

Кога школите повторно ќе отворат

Некогаш мора училиштата повторно да бидат отворени. Ако не за друго, тогаш кога ќе почнат по дома да се самозапалуваат менторите, порано познати како родители. И еве нè на свеченото отворање.

Дури сега изолацијата нè дотепа

Од  сите елементи кои ги видовме во долунаведеното видео, ние сепак успеавме да дојдеме до еден од нив. Песната се вика „Овај живот није лак“ од Џеј Рамадановски.

Не случајно се нашле тие

Нема ништо подобро од моментите кога со другарите ќе најдете нешто кое на сите ви е интересно. Во случајов ограда со струја која, кога ќе ја пипнеш, види богати, те дрма.

Глобална показна вежба „Том и Џери“

19 секунди сцена од цртан филм. Не може поточно од ова да се опише како светот ја почна 2020 година и како епски се заеба.  

Разговор со дечко кој се опоравил од ковид-19

Бидејќи од сто, илјада или десет илјади луѓе не можете да ги интервјуирате баш сите, еве некој кој низ својот личен пример зборува во името на огромното мнозинство на оние кои го закачиле вирусот. Многу поучно. 

Видете нè!

Луѓе, вреди да издржиме! Леле какви моменти нè чекаат кога ќе помине срањево. Замислете го првото отворање на вашето омилено место за пијачка! Ако не можете да замислите, дозволете професионалци да помогнат. 

Жена на плажа, пред и после изолација

Јасно, ќе има луѓе кои после видеово ќе си помислат „Ех, јас живеам со вторана варијанта многу пред да почне каква било изолација“. Ама па, ќе си ќутат, пошто они поарни да не се?

Дај го оној прелаз од Фил Колинс

- Кој прелаз? Оној „ТА-ДАМ ТА-ДАМ ТА-ДАМ ТА-ДАМ ТАМ ТАМ“?
- Тој!