Реклами

Forever Young

Таман ќе те потресе видеово, и на крај на одјавата ќе се појави нарачателот. Налет.

Најтажната навивачка приказна

Трагедија до сега неопеана, најлошото нешто што може да му се случи на кој било вистински фудбалски навивач. Ни тоа што е реклама не ја намалува тагата.

Супер Боул реклами, генерација 2016-та

Прво од најважното - годинава емитување од 30 секунди, чинеше над 5 милиони долари. И за овие пари, секој можен термин беше продаден. Ова е изборот на Ад Вик и Дејли Бист за тоа кои компании најдобро ги пополнија баснословните термини.

Иднината на спортските преноси

Според Микрософт, еден ден сите вака по дома ќе гледаат пренос од НФЛ. Ќе биде тоа милина, да се пљачкаат овие луѓе излудени од спектаклите кои им ги пружа тешката машинерија што ја носат на глава.

Молив кој не затупува

Мицубиши не прави само автомобили, имаат тие и фабрика за моливи (а очигледно немаат фабрика за острилки). Еве што смислил Јапонецот на тема моливи и тенкоминци. Ти го тупиш, тој се врти. Исто како со човек.

Пушти го сонот колку што ти е долго чергичето

Глупоќа е, ама ај. Чергиче со аларм за будење. Не можеш да го снузнеш со палец од нога туку треба фино да го нагазиш за да прекине. А кога ќе го нагазиш, ти кажува мотивациски пароли, дека животот е убав, денот е прекрасен а пријателството ретко. Според приложеното, на типот во рекламата му требаа 6 ипол минути за да се убеди во тоа. 

Џони Вокер за браќата

Клип кој ќе ве натера да го засакате родениот брат, или барем на кратко да помислите на него. Реклама за Џони Вокер која е чисто студентски проект на двајца студенти од Филмската академија Баден-Вуртемберг, без никакво знаење или консултација од Џони Вокер. Живели брат!

10-те најгледани реклами за 2015-та според Јутјуб

Само овие десет клипа годинава имаат вкупно 470 милиони прегледи. Посебно важно за интернет историјата е што две третини од овие 470 милиони прегледи се од мобилен уред, во истата година кога Јутјуб за прв пат во свoето постоење има повеќе прегледи од мобилни уреди, отколку од десктоп / лаптоп компјутери.

Волво му даде на 4-годишно девојче да вози камион

Детска радост е кога од цела патека за возење ќе го слупаш камионот низ куќа, а кога ќе се свртиш никој од големите не ти вика ни збор. Да, девојчето го вози камионот преку далечинско. И овој пат како и со сите вакви успешни правења на мега мераци на деца, останува несоборливата дилема - оди после дома кажи и дека мора да го изеде целиот грашок или дека треба да си легне.

Порнхаб божиќно чудо

Кои се бе тие предрасуди дека Порнхаб не може да сними поштена реклама за божиќните празници?

Може да нè оставите да си доплачеме?

Божиќни празници, дедото ги чека сите да му дојдат на ручек, само за сите да му откажат. И после? Што после, дедо е, не може вечно да чека...

Индија, рекламна

Индијска реклама за храна изгледа бааги различно од нашиве. Или се тие многу понапред отидени или само живеат во земја во која адвертајзинг сценаристите слободно се хранат со интересни печурки.

Икеа гаѓа кај што боли

Ова реклама на Икеа наголемо се врти наоколу, а нема ни попусти ни каталози. Наместо на Дедо Мраз, деца им пишуваат писмо со желби на своите родители. Швеѓаниве мама си тракале. Кога ќе освоиш нечие срце, за џебот е лесна работа. 

Мало столче за голема столица

Кога имаш луд производ (мало столче за дигање нозе додека си на веце шоља; тие нека ви објаснат зошто), нормално е да немаш нормална реклама. Ова е совршен тандем производ- рекламен спот, сосе злочестото додавање тоалет хартија на детето за да избрише уста од, хмм, сладоледот.

Хрватски остров среде Темза

Хрватскиот туризам реши стариот добар слоган "Медитеранот каков што некогаш беше", после 15 години да го смени со нов "Хрватска, полна живот". За англиската промоција на новиот комуникациски концепт, Хрватите потрошија 425.000 фунти создавајќи реплика на хрватски остров со нивни културни обележја кој пловеше по Темза.

Хонда на хартија

Идејата им е да покажат што сè работи на погон од Хонда мотор. Изведбата на сето ова им е спектакуларно комплицирана и мерак за гледање, нешто како анимиран филм за автомеханичари за пред спиење.

Наместо Божиќно моронче

Затоа што секој кој не покането ти ѕвони на врата, не заслужува ништо подобар третман (пошто со нетрпение седам пред врата и чекам ти да ми заѕвониш за да ти одговарам на прашања).

Да бидеме искрени....

Господ се одзива на молењето на една жена чија животна љубов е на пат да умре под една карпа и се симнува од својата небесна резиденција. "Ќе ти исполнам една желба, која е таа?" прашува белокосиот и во оваа прилика косоок старец. 

Соништата се остваруваат, а вие како сакате

Подобар пресврт од Роки, поуспешен крај од Били Елиот и сето ова во една реклама.

Ок, готово, крај, и никогаш, никогаш, повеќе

Ако не пиеш ќе копаш, ако копаш ќе имаш пари, ако имаш пари ќе те сакаат жена ти и децата, ако те сакаат жена ти и децата ќе држиш говори. Не дека работите не се развиле и во спротивен правец.

Марамчињата што живот значат

Во некој дел од својот живот тие запишале филмска академија или некоја актерска школа, дебатирале за финесите кај Станиславски, се замислувале како суверено доминираат на некоја театарска сцена или ја фасцинираат филмската камера во некој незаборавлив емотивен кадар.... Неколку години подоцна, јеби га, доаѓа време да се работи.

Брада за долар

Со финтата за долар месечно претходно растурија со бричеви. А кога не сте по бричот, тогаш сте по брадата.

Реклама од луѓето што не ја разбраа Лолита

Реклама од 1975-та за линија производи за бебиња (креми, лосиони, пудри...). Главен лик е длабоко полнолетна девојка која прави бебешки работи со цел да покаже дека - невиноста и посекси отколку што мислите.

Не суди по амбалажи?

Во една од највпечатливите презентации на моќ во последно време, мега-корпорациите го тргаат своето име од пакувањата на производите, и оставаат некоја минимална контура или боја од логото и пакувањето, која пак успева кај вас да ги активира потребните букмаркси. За да не биде само чаталење, Кока-кола додава и малку човечност во пораката - да ги тргнеме етикетите.