Off Café › Галерии

Галерија: Шенон Доерти

Шенон Доерти почина во саботата, на 53. Нема богзнае какви уметнички фотографии од неа по интернет. Се наоѓа нешто што ни го пуштале ко постер во тинејџерско списание во ‘90-те. А сепак, меѓу нив и нејзините „обични“ фотографии на Инстаграм, каде што објавуваше искрено и непреправено и по некоја каде што личи на класична филмска ѕвезда. Да се потсетиме.

Магијата на Кевин Окван

Прерано го изгубивме Кевин Окван, легенда од шминкер и име што се појавува секогаш кога се зборува за историја на шминка и сите битни настани во светот на модата.

Има работено со Мадона, Витни Хјустон, Шер, Тори Ејмос, Џулијан Мур, Шерон Стоун, Брук Шилдс, Кристина Ричи, Деми Мур, Ким Бесингер, Лајза Минели, Џенет Џексон, Тина Тарнер, Гвинет Палтроу, Лиса Мари Присли, Кортни Лав и Ванеса Вилијамс (само дел). Цел живот страдал од акромегалија поради редок тумор на хипофизата, но долго време бил без дијагноза. По една операција го отстранил, но болките останале, па Окван станува зависен од аналгетици, што на крај му го влошуваат здравјето и умира во 2002.

Во овој проект, шминкаше редовни славни личности и ги преправаше во некои одамна заминати и легендарни.

Art Nouveau: Што остави Виктор Oрта

Виктор Oрта е пионер на правецот Арт нуво, чија оставштина долго беше игнорирана, но конечно светот се свести за него. Придонеси кон движењето има многу, особено во урбаната средина на градот што најдобро ја истакнува неговата суштина - Брисел, каде што има над 2000 Арт нуво градби. Самиот има дизајнирано многу архитектонски детали - тапети, мебел, ќилими и кваки. Неговите дела се заштитени од УНЕСКО.

Пионерскиот објектив на Ен Бригман

За да сними женски акти во природа, Ен Бригман понекогаш со недели кампувала во Сиера Невада. Со тешка опрема качена на кочии што се движеле низ долината Сакраменто, за на крај да стигнат до живописните локации, патувала со сестра ѝ Елизабет и цело друштво жени да кампуваат, пешачат и да позираат за нејзините фотографии.

Она што на Бригман ѝ успева е како уметник да ги оформи американските модернистички, феминистички и пејсажни фотографски традиции - и е една од првите жени што себеси се сликала гола. Прв пат изложува во Сан Франциско во 1902, а има објавено и поезија и уметничка критика. За жал, нејзината работа низ годините се губи, но оваа година Њујоркер решава да ѝ оддаде почит.

Што имаше на Мет Гала

Оваа година, темата беше „The Garden of Time“, по расказот на Џ. Г. Балард (можете на англиски да го прочитате тука, многу е впечатлив) и толкувањата не се многу унифицирани, освен што неколку славни личности решија да вратат бохо. Карди Би е веројатно најинтересна, ама да ги видиме другите.

Време е за кломпи

Многу мажи го читаат сајтов и они никогаш нема да ја разберат возбудата на враќање кломпи во мода. Враќање кломпи значи дека нема да треба да се копа по опскурни пазари во странски градови, да се најде нешто заборавено од некое друго време, а сепак ново - ќе ги има во мејнстрим продавници и по интернет и ќе има избор, и ќе бидеме како по папучи, ама дотерани и ќе можеме да ги пазариме во разни варијанти и најверојатно никогаш нема да дозволиме да излезат од мода. Поточно, мажите можеби нема да можат да сфатат додека не им посочиш дека е како еден ден да се разбудат и да биде во ред на работа да се носат - крокс.

Улична мода во Шангај

Уличниот стил во Шангај е микс од традиционални, познати брендови и нов, допрва за следење кинески талент.  Чудно е, како да е извлечено од ‘90-те, а сепак зачинето со денешните чудни склоности за детали. Дали е добро? Нешто да, многу, нешто баш не мора да доаѓа кај нас како тренд.

Дотерување за Оскари

Гледаноста на Оскарите има скокнато за 12% повеќе од лани, што не значи дека самата манифестација уште се мачи да си го врати сјајот од пред неколку години, за претходните децении ич да не се ни надеваме. Ни црвениот тепих немаше со што баш да се пофали, освен што неколку пати се повторија штиркани прерамки и сукњи, што можеби укажува на нов тренд за летово.

Лего за опседнати со мода

Не е фер да кажеме „Лего за жени“. Прво - еден куп жени имаат пораснато со Лего (и сè уште со ќеиф купуваат), а второ, не уживаат само жени во култниве модни додатоци, и во самата идеја за Лего-мода. Особено кога е Ермес, Диор и Шанел.

Да се поклониме пред Армани

Затоа што токму Џорџо е крив што ние две години ќе гледаме убавини по продавници, и онлајн и во живо. Не дека сите ќе можат да си дозволат Армани. Ама ако Армани го пушта ова, значи во рекордно време сите Зари и ним слични ќе скројат, ќе сошијат и по продавници ќе пуштат копии и инспирации, така бива со брзата мода. Освен нив, сите помали дизајнери ќе се качат на истиот воз. Што значи ќе гледаме убавини и по улица, затоа што Џорџо одлучи светот да го почасти со класика, структура и совршени кроеви.

Мода на Златните глобуси

Немаше оваа година масовност од врвни модни дела. Едвај неколку да беа запамтливи, а да не е тоа по сличноста со просечни гостинки на наша свадба. Можеби можат да се поздрават Џулијен Мур, Хелен Мирен, Џилијен Андерсон и Шерил Ли Ралф. И мажите, општо, со некои храбри решенија. Најмногу Бери Кеоган.

Полароидите на една It-девојка од ‘70-те

Поранешната манекенка Каринтија Вест ја отвора нејзината волшебна архива од слики, од кои многу се направени на турнеја со Ролинг Стоунс.

„Сликите се многу кратко поглавје од мојот живот,“ вели таа. Била манекенка, актерка, новинарка и it-девојка, чија монографија, „Полароиди“ нуди портрет на нејзините главно славни пријатели во ‘70-те. „Им се придружував на Ролинг Стоунс во Торонто, каде што го уапсија Кит и имаше снежна олуја. Не можев да летам, па дојдов со воз од Њујорк. Имаше породување на возот, еден човек умре и патувањето траеше осумнаесет часа, наместо шест. Но, ги сликав другите патници и беше забавно.“ Ете, такви работи има тука.

Ајде да реновираме

Можеби на првото „р“ од реновирање ви се темни, можеби и уште повеќе ќе ви се стемни ако чуете дека после зборот „реновирање“ доаѓа зборот „бања“, ама може и ќе ви влезе чивија кога ќе ги видите овие инспирирани од Жоан Миро. Не пишува дали е вештачка интелигенција, или некој сериозно се зафатил со овие естетско-уредувачки авантури, ама е одлично и вреди да се размисли. До следно реновирање.

Заборавени холивудски парови

Некои се и заборавени - точка.

Интимни фото-портрети на ѕвездите на Париската модна недела

Четири пати годишно, музичари, модели и уметници влегуваат во Париз на распоред преполн ревии и забави, што секоја сезона стануваат сè поголеми. И без разлика како ќе го наречеме, дали ТикТокификација на модата, моден ентертејнмент или бескруполозен доцен капитализам, фановите на гламурот не се откажуваат. Не се откажува ни фотографот Францеск Плејнс.

Фотографира по инстинкт и не промашува, а неговите фотографии ја прикажуваат блескавоста на гостите и настаните, за разлика она што го фаќаат раздрапаните и развикани папараци (и нив ги има). Не се заслепува од нивната светска популарност, му стануваат дел од уметноста.

Париска модна недела

Завршува модниот месец, а во Париз ни покажаа како ќе се движи светот од пролет натаму. Има Муглер, има Мезон Марџела, Луи Витон, Миу Миу, Сан Лоран, Шанел и Диор и Вивиен Вествуд, и сè што треба да знаеме. Има и работи што нема потреба да ги знаеме, ама ред е да се погледне. Париз, пролет/лето 2024.

Носталгија: Италија во ‘50-те

Фотографот Паоло Ди Паоло и писателот Пјер Паоло Пасолини патувале по италијанското крајбрежје и го овековечиле идиличното лето 1959-то.

Ова е инаку пред 64 лета - го почнуваат патувањето во Вентимиља, на границата со Франција, а завршуваат во Лазарето, село во Трст. Пасолини е етаблиран интелектуалец со наслови како „Улични деца“ и „Насилен живот“, кој допрва треба да си ја започне филмската кариера, а Ди Паоло е фоторепортер за Ил Мондо, за подоцна да стане познат по интимните фотографии на италијански ѕвезди како Марчело Мастројани и Ана Мањани. Репортажата ја нарекуваат „Долгиот песочен пат“.

Куќата на Барби ја имаше на Ербиенби

Најсреќните можеа и бесплатно да преспијат. Самата Барби ги покани фановите да поминат една вечер во нејзиниот дом и да го прослават 60-от роденден пред неколку години, но сега домаќин беше Кен. Како дел од маркетингот пред отварањето на филмот, објавија дека „додека е Барби на пат, Кен ја става неговата соба на Ербиенби“, а бидејќи Кен е само Кен, не може ни да разбере како да стави цена, па ете - бесплатно е!“ Наградата важеше за 21 и 22 јули (првиот викенд на прикажување) и нормално, сигурно не ги познаваме луѓето што ја добиле, ама можеме барем да ѕирнеме како е внатре.

Седум фотографии од Џејн Биркин

Беше постер-девојка на ‘60-те и ‘70-те, лик што ти создава носталгија за време и место кое не си го ни живеел - можеби само си го гледал во странски списанија и си замислувал како би било да се излезе во топла париска вечер, во клуб полн луѓе што ја означиле деценијата, во плетен фустан и ташна направена специјално за тебе.

Модни фотографии од гламурот на ‘90-те

Тиери Ле Гуе е моден фотограф и еден од главните двигатели на гламурот на ‘90-те што денес толку ни фалат. Сега има книга која ја опфаќа неговата архива на надреални фотографии од супермоделите од таа ера.

Се преселил во Париз и почнал како практикант во Пин-Ап - најпопуларното студиo во градот. Судбината си ја видел во тој простор каде што уметноста и трговијата слободно се мешале и се преплетувале.

„Видов големи фотографи како Питер Линдберг, Паоло Роверси, Стивен Мејзел и Алберт Вотсон како работат со манекенки, сликаат и патуваат,“ вели тој. „Таков живот сакав. Само што се доселив, а тие заработуваа по 10.000 долари на ден фотографирајќи прекрасни девојки. Неверојатно!“

И стварно, неверојатно. Деведесетти.

Тренд: Officewear

По интернет се шири како инспирација за лето, ама освен во вечерните часови, не знаеме како ќе се издржува, барем за нашиве лета. Среќа па, има добри материјали и среќа може да се гледа како инвестиција, затоа што сите комбинации функционираат и до ноември. Сликата од Лејди Гага е стара неколку години (костумот е на Марк Џејкобс), ама очигледно трендот никаде нема намера да оди. И добро е што е така, одамна немало нешто толку добро.

Уличната мода во Токио ги отфрла сите можни правила

Четирите големи модни недели - Њујорк, Лондон, Милано и Париз секако имаат многу да понудат во однос на уличната мода, НО! Само што заврши модната недела во Токио и посетителите можат под да бришат со западњаците. Океј, може не е до толку, посетителите од „големата четворка“ стварно се трудат и вадат прејаки комбинации, ама сепак, самиот факт дека е Токио... Треба да ви биде јасно. Јапонската улична мода го отфрла секое можно модно правило што во моментов ви е на радар. И нови трендови направија, од мрачни бои, до слоеви и чизми на платформа.

E, што, ќе бидеш баба со тетоважи?

Зачувајте ја галеријава следниот пат кога некој ќе ви го постави ова глупо прашање. Дека на 80 само на тетоважите ќе мислиме. Инаку, многу е можно сликиве да се направени од вештачка интелигенција, ама тоа не значи дека во светот нема вакви колоритни ликови. Само се помалку отколку што ние би сакале.

Ако никогаш не раскинеа

Или ако воопшто беа заедно и не раскинеа... Што се добива кога ќе споиш вештачка интелигенција и луѓе што романтизираат стари, одамна раскинати селебрити-парови? Или партнери на филмско платно со одлична хемија? Галерија на замислен свет каде што не само што се заедно, туку имаат и по две-три деца. Омилен пар од изборов? Винона Рајдер и Џони Деп, се разбира. Чисто заради носталгија.