ВББ поседува сè што треба за да биде "фаца". Писмен, луциден и духовит, а знае да биде и зезнат и систематичен. Растен како бубрег во лој ама го познава и скопскиот талог. Шетал наоколу ама не му се излегува од дома. Слуша панк и рокабили ама пар руски кантавтори го дрмаат во ДНК. Памти како коњ а има инает како магаре. Махер е за Евровизија и за опусот на Владо Јаневски, неповторлив е кога раскажува филмови, малку преопширен кога пишува за словенските браќа.
Најмногу би требало да го познавате од Блогерај, каде што беше еден од авторите кои даваа и ритам и смисла на тогашната платформа. И полноќни журки и зезања и озбилни авторски или истражувачки текстови. Без сомневање, еден од најсвежите погледи кои ги изнедри македонското блогирање.
И покрај извонредните квалитети кои ги поседува, заради сплет на околности (мрза + дефетизам + баксуз + нефер универзум), ВББ се сведе на "вечен потенцијал" на македонскиот веб простор.
За среќа, веќе не мора да е така.
Отсега Барми се одзива на vbb.mk, има Комодоре 64 во хедер, тенџере плава боја и слатко скромен слоган: "Неприкосновен блог бренд на нашиот web простор". Таму ќе ги чекаме неговите пишуванки, особено драгоцените репортажи од Украина и Русија, неговите вечни инспирации и дејтинг ловишта.
Сајтот има пар почетничнички утки: непотребна метео прогноза (да, баш таму ќе одиш да дознаеш дали ќе врне во Струмица), тотално непотребни РСС фидови со кои авторските печат на сајтот се разводнува со банални теми од домашнот интернет простор (читаш супер текст за Харков а наоколу ти бодат очи вести за Ким Кардашиан и совети за целулит) и невоедначено обраќање (некогаш во прво, некогаш за себе во трето лице).
Но, тоа е најмалку важно. ВББ допрва ќе си го прекројува своето ново веб одело. Му посакуваме да му биде удобно, да го носи со стил и да му донесе голема слава, неброени пари и еден тон згодни женски кои се уште знаат да се израдуваат кога фраерот на прв состанок ќе се појави со букет цвеќе.
А сега, му одиме на гости.