Високообразовни писма на читатели

Почитуван Трендо,
Деновиве на УКИМ е почната постапка за произнесување на членовните на академската заедница за текстот на законот за високо образование. Постапката е иницирана неочекувано, веројатно избрзано, без да се даде доволно време за јавна расправа. Токму затоа земам слобода да го изнесам моето мислење, за еден сегмент од законот, којшто, според моето мислење, предизвикува најмногу недоразбзирања.

Деновиве академците разгледуваат два закона за високо образование, едниот изработен од членови на професорскиот пленум (ПП) и другиот предложен од ректорската управа. Законот предложен од ПП се смета за неформален затоа што пленумот не е институционално тело.

Но, ЗВО го донесува Собранието на РМ, на предлог од Владата. Дали предлогот на Ректорската управа е истовремено и предлог на Владата, не е познато. Можно е владата да предложи свој Закон. 

Иако актуелен, вниманието од овој закон беше пренасочено кон локалните избори . Претпоставувам дека возбудата од исходот на овие избори наскоро ќе се стабилизира и вниманието повторно ќе се насочи кон актуелните проблеми.

Било Владата да излезе со свој ЗВО, било да се определи за еден од предложените закони,  мислам дека треба да се обрне посебно внимание на членот што го регулира приемот на нови лица и унапредувањето на постојните лица на Универзитетите. Најмногу приговори на рецензии за избор биле засновани токму на овој член.

Да разгледаме - накратко - битни аспекти од овие закони.

Една од причините за формирањето на ПП беше  залагање за подобрување на квалитетот во високото образовани. Последниве месеци, Комисијата на ПП задолжена за изработка на Законот, интензивно работеше врз Законот. Мора да се признае  дека Комисијата - која врз Законот работеше врз доброволна основа -  вложи огромен труд да го направи овој Закон. Законот ги опфаќа речиси сите сегменти значајни за работа во високото образование.

Ректорската управа, поттикната од сознанието дека ПП работи интензивно врз Закон за ВО,  подготви своја верзија на Закон за ВО. Двата закони беа изработени со цел да се врати автономијата на Универзитетите а со крајна цел да се подобри квалитетот во ВО.

Во еден напис не е можно да се даде приказ и оцена на суштинските елементи што ја дефинираат работата на Универзитетите на еден закон а сигурно не на два закона. Затоа јас ќе се задржам  само на еден сегмент од високото образование, кој што, според мое мислење, во голема мерка е поврзан со квалитетот во ВО:  критериумите за прием на нови лица на универзитетите.

Според законот за ВО предложен од ректорската управа, примањето на помлад асистент  или асистент е регулирано со член  145  кој гласи: „За помлад асистент може да биде избрано лице кое има завршено академски студии од втор циклус со просечна оценка од најмалку 8,00 (осум), кое се служи со еден од светските јазици и покажува способност за наставно-научна, наставно-стручна, односно наставно-уметничка работа“.  За асистент, пак, воведен е дополнителен услов   „најмалку тригодишно работно искуство со заснован работен однос или еден мандат како помлад асистент“.

Основен недостаток на овој член е што не е прецизен и не овозможува да се направи диференцијација помеѓу кандидатите во поглед на нивниот квалитет. 

 Според мои сознанија, овој критериум, во неизменета форма се провлекува во сите закони за ВО од 1945 година па наваму. Во изминатите  децении, кога немаше развиено универзитетска мрежа во Македонија, Македонците студираа ширум Југославија. Тогаш беше тешко да се најде кандидат што има просечна оцена повисока од 8, па затоа се бараше таков просек.  Фактот што овој  критериум е недоволно прецизен им овозможуваше на властите да вршат манипулации, а такви манипулации се вршат и сега.

Овој член што не дава одговор на прашањето како да се постапи во случај кога на конкурс ќе се јават повеќе лица.  Да претпоставиме дека на конкурсот ќе се јават две лица за помлад асистент, едното лице има просечна оценка 8,5,  а другото 9,5 при што и двете лица се служат со еден од светските јазици.  Кое лице да се предложи? 

На УКИМ а и на другите универзитети постоеше добра практика да се предложи најдобриот  кандидат.  Но, последната деценија дојде до нарушување на овој критериум. Често се предлагаше не оној кандидат кој најмногу ги исполнуваше условите, туку друг кандидат а понекогаш дури и најслабиот кандидат. Во случај на приговор од страна на некој од  кандидатите, Државниот просветен инспектор даваше толкување (а и сега дава) дека кандидатот што е примен  ги исполнува условите.

Приемот на доцент, вонреден и редодвен професор е регулирано со Член 141.  Според овој член,  покрај  докторат од научната област за која се избира,  доцент може може да биде избрано лице кое има објавени научни и стручни трудови,  вонреден професор  самостојни научни и стручни трудови и редовен професор поголем број научни трудови.

Основен недостаток на овој член е што не е јасно што е тоа научен и стручен трудсамостоен научен и стручен труд, и поголем број на научни трудови. Колку? 2, 5 ,15  итн.труда? Да ли труд објавен во македонско списание и труд објавен, на пример, во француско списание, имаат иста тежина?

Ни овој член не објаснува како да се постапи во случај да се пријават повеќе кандидати за доцент, вонреден или редовен професор, а сите имаат различен број на стручни  односно научни трудови.

Да го разгледаме законот предложен од ПП.  Условите за избор во наставно научни звања се дадени во член 166.  Овој член гласи:  Услов за избор во наставно-научните звања доцент, вонреден професор и редовен професор се:  докторат во соодветната област и објавени научни и стручни трудови во полето во коешто се бира.

Во овој член за редовен и вонреден професор поставен е и  дополнителен услов:   наставно искуство од најмалку 5 години во претходното звање.

Условите за прием на асистенти се регулирани со член 169 кој гласи: За асистент може да биде избрано лице кое има завршено академски студии од втор циклус од соодветно научно, односно од прв циклус од соодветното уметничкото подрачје и покажува способност за наставно-научна, односно наставно-уметничка дејност.

Со овие предлози, ПП - кој што званично  се залага за подобрување на квалитетот во високото образование - го цементира неквалитетот во ВО.

Како што може да се види од односните закони, за прием на асистент не е потребен минимум просечен успех,  доволно е лицето да има завршено студии од втор циклус од соодветното научно подрачје. 

За редовен и вонреден професор, вака како што е формулирано во Законот предложен од ПП, обезбедено е напредување на  веќе постојните членови на универзитетот, зошто 5 години во претходно звање за односните предмети, нема никој друг освен лицето што конкурира. Значи што е најважно и очигледно, најтешко?  Да се протуркаш на било кој начин за асистент.  Потоа треба да помине само време и  професурата е загарантирана.  Не е дозволена никаква конкуренција, натпревар и сл.

Сите влади, наназад повеќе од четири децинии не внеле суштински измени во членот за условите за избор на кандидати во ВО.  формулација како овие што се тековно предложени им одговара на секоја влада, да наметне свои луѓе во ВО.  Но тоа што е правено последниве 10-12 години го надминува секое претходно интервенирање од страна на владеачката партија. Според мое мислење,  сега на државните универзитети повеќе од 1/3 се избрани по партиски а не по академски критериуми, односно тие не се бирани по компетентност.

Да спомнам некои случаи. Во една рецензија на Филозофски факултет се констатирало дека сите кандидати за помлад асистент ги исполнуваат условите. Помеѓу нив имало една кандидатка со објавена книга во Англија, од англиска издавачка куќа. Кој кандидат бил предложен? Тој со најнизок просек (но над 8,00) и без објавен труд, а кандидатка - која патем била и запишана на докторски студии -  со објавена книга во Англија е одбиена. На истиот факултет, на друг конкурс за помлад асистент, од повеќе кандидати бил примен кандидат со трудови објавени во весници а одбиен  кандидат со висококвалитетни трудови. Вакви случаи имало на повеќе факултети.

Затоа, според мое мислење, треба да се воведе ограничување на субјективноста на рецензентската комисија. Тоа може да се направи така што ќе се конкретизира услов за прием на наставен и соработнички кадар, односно ќе се категоризираат списанијата по својот квалитет. Во светот постои таква категоризација на научните списанија и таа се применува. Највисок рејтинг имаат списанијата што се индексирани во Web os Science, порано SCI или SSCI (Science Citation index  односно Social Science Citation index), потоа списанијата индексирани во базите EBSCO  или  EMERALD. Овие бази на податоци опфаќаат широк опсег на науки.

Според тоа, предлагам односниот член  да се дополни со следниов услов: „Доколку на конкурсот се пријават повеќе кандидати, предност ќе има кандидатот со трудови објавени во списанија индексирани, најнапред во  Web of Science  а потоа во EBSCO или EMERALD. Доколку ниту еден кандидат нема трудови индексирани во овие бази тогаш предност ќе има кандидатот што има повеќе други трудови“. Списанијата што се индексирани во  Web os Science всушност се списанија со импакт фактор. Тие се најквалитетни списанија.

Импакт факторот своевремено беше критикуван од членови на ПП при што беа изнесени повеќе негови недостатоци. И мое мислење е дека импакт факторот има недостатоци, но мора да се тргне од некоја класификација на списанијата за да се избегне субјективноста на РК. Со овој мој предлог изборот не се врзува за трудовите со импакт фактор, туку се гарантира избор на најквалитетниот кандидат. Најквалитетен е оној што има трудови со ИФ, потоа оној што има трудови во индексирани во EBSCO и EMERALD и  конечно кандидатот што има „други трудови“, индексирани на, пример,  во Google scholar и сл. Во Google scholar се индексираат сите списанија, а во Web of Science  или EBSCO и тн., само  списанија со квалитетни трудови.

Овој предлог се однесува пред сè на општествените науки. Природните науки веќе одамна го применуваат овој критериум. За избор на лектори, наставници и соработници по стручно-уметничките предмети треба да се специфицираат други критериуми и услови.

Свесен сум дека овој предлог ќе наиде на неодобрување од страна на некои членови на ПП.  Не е ни чудо, голем број од нив немаат објавено ниту еден компетентен труд. Компетентноста на универзитетскиот наставник треба да се домонстрира со објавување на компетентни трудови, а не  на „други трудови“. Тој треба да е најкомпетентен во својата област.  Ако постои  покомпетентно лице од него надовр од Универзитетот, значи дека е направен погрешен избор.

Можам да кажам дека исчекувам резултат од еден универзитет во Западна земја.  Во универзитетските правила на тој универзитет (а и на други, во западните земји) пишува дека при вработувањето на академски кадар ќе се води сметка исклучиво за академските постигнувања.  Партиите тоа не го оспоруваат зошто сите партии сакаат државата да има компетентен унивезитет.  Затоа  во работата на државните универзитети не се мешаат и оставаат универзитетите да ги решат нивните проблеми.

Александар Ивановски

19 октомври 2017 - 13:59