Транспортни писма на читателки

На двата пакета, на посебен бел лист залепен на пакетите, запишани со големи букви биле името и презимето на сопругот, улица и број, град и телефонскиот број на сопругот. Но пакетите завршија во друг град, 157 километри одалечен од нашиот.

Живеам во Германија. И јас како и многу други иселеници, со своја причина зошто сум ја напуштила Македонија. Сега тоа не е важно. Во таа Македонија останаа луѓе кои неизмерно ги сакаме, останаа чувства, животни случки, убави и неубави сеќавања. Во таа Македонија останаа и многу предмети, книги, облека, постелнини, шољи за кафе кои ни биле омилени... Среќа што во денешно време имаме многу можности, па тие работи можеме многу лесно да си ги донесеме тука, во Германија. Не дека тука не можеме да си купиме нови, но ете, останало тоа, што ќе купувам нови гаќи кога веќе си имам.

Среќа е што во денешно време има еден тон превозници кои, како што велат тие „за ич пари“, превезуваат и патници и роба. Меѓу нив е и „Цуфле Транс“ од Кочани.

Накратко да појаснам дека од нашите ни беа пратени некои работи што ни останаа во Македонија, спакувани во два пакета и предадени на возач вработен во „Цуфле Транс“ Кочани за да ни ги достави на домашна адреса. За услугата биле платени 50 евра, веднаш на рака при преземањето на пакетите. На двата пакета, на посебен бел лист залепен на пакетите, запишани со големи букви биле името и презимето на сопругот, улица и број, град и телефонскиот број на сопругот. Но пакетите завршија во друг град, 157 километри одалечен од нашиот. Мојот сопруг на крајот возеше до другиот град за да си ги земеме пакетите. Но, на посоченото место најдовме само еден пакет со две детски женски јакни, играчките за ќерка ми, едно мало камионче и ќеса со ореви. Три пара постелнини, два пара прекривки со чаршав за единечен кревет, фротирки, детска облека, камиончиња играчки и уште неколку работи ги немаше. Никаква трага од нив.

        Според газдата на „Цуфле“, ние бевме виновни за таквата ситуација, бидејќи сопругот не бил достапен на телефонот и не бил наведен поштенскиот број на адресата. Да, тоа е точно. Сопругот веќе подолго време се бори со операторот, бидејќи постојано има проблем со картичката, често е недостапен. Но, сепак адресата е точна и можел возачот да заѕвони на домафонот во секое време. Само што пустиот го згрешил градот. Па, наместо во „Прилеп“ отишол во „Битола“.Со големи букви бил испишан градот каде што требало да се донесат пакетите Нирнберг (NÜRNBERG), а оставени се во Хајденхајм (HEIDENHEIM). Прилеп и Битола се пишуваат различно, на различно место се, што има врска кој им е поштенскиот број.

По мојата првична објава на Фејсбук, наоѓајќи се навредени, „Цуфле“ ја призна грешката и ни понуди обештетување. Договорот беше да направиме список на стварите што не сме ги добиле и колку тие чинат за да ни ја исплатат цената. Цената ја утврдивме отприлика, 280 евра. Сепак, побаравме да ни се вратат и платените 50 евра, плус 30 евра за трошокот до другиот град и 50 евра за стресот. Па така, побаравме 400 евра. Можеби многу, но сметавме дека е реално. На крајот на краиштата можевме да преговараме и да се договориме за некоја пристојна цена. Но, наместо преговори, ние добивме понуда од газдата за исплата на само 130 евра, со разни објаснувања.

                Прво, од тој износ газдата го одземал износот за направен трошок за влез и излез од државите што ги поминал за да ни ги донесе пакетите. Не знам со кое право и по која логика. На крајот на краиштата, 50 евра веќе му беа платени за да ја изврши доставата. Нормално, тие пари си ги баравме назад, бидејќи услугата не е извршена.

                Второ, одземал износ за царина, бидејќи „робата во пакетите очигледно била повисока од 299 евра“. Газдата самиот ми кажа дека царина не платил, па се прашувам со кое право ми ги одзема од побараната сума. Згора на сѐ, при договарањето за доставата не спомнаа дека ако стоката има вредност поголема од 299 евра ќе треба да доплатиме за царина, ниту пак нѐ прашаа колку чини робата што ја превезуваат.

И трето, си одземал износ за претрпен стрес и загубени клиенти поради лоши објави на Фејсбук. Јасно и гласно му кажав на газдата дека тој како бизнисмен треба да знае како да се носи и со добри и со лоши коментари, и со задоволни и со незадоволни клиенти. А ако поради мојата објава претрпел стрес и изгубил клиенти, надоместокот нека си го бара кај неговиот неодговорен работник.

 Не ја прифативме понудата од 130 евра, но ја намаливме сумата што ја бараме на 300 евра. Одговор не добивме. Ни трага, ни глас од „Цуфле“.

Воопшто не ми се важни парите, ни тоа дали се 100, 200 или 300 евра. Можеше и без понудата за обештетување. И јас ќе останев само со лошите коментари на Фејсбук. Но, не сакам некој да си игра со мојот разум и со моите чувства. Најмногу ми е тешко што во тие пакети имав работи што ми беа оставени од мојата покојна баба и работи што си ги имав сочувано уште од дете. Тешко ми е што мојот син секој ден на неговиот телефон играчка се кара со „чичкото“ што му ги изгубил камионите. Едно камионче чини 150 денари. Не е некоја пара, но за мојот син тоа беше „најубавиот камион што собира контејнери со ѓубре и камион со кој многу убаво си играл кога бил во Скопје“. Не постои никаква пара што може да ми ги плати нервозата и тагата за изгубените работи, макар чинеле колку четвртина бурек.

Го споделувам моето лошо искуство со цел да си ги смирам гневот, нервозата и разочарувањето, да им укажам на многу од иселениците кои користат вакви услуги што сѐ може да се случи. На „Цуфле Транс“ им посакувам успех понатаму во работата и покрај тоа што ја изгубија довербата кај еден клиент, кај мене, Ирена Карова.

17 ноември 2021 - 19:43