Сте чуле за Чарлс Харелсон?

Чарлс е лик од Тексас кој по цел живот правење зулуми станува најпознат како татко на Вудроу Харелсон или во народот познат како Вуди.

Според сведоштвото на Вуди, роден 1961, неговиот татко исчезнува во 1968 и ја остава сопругата да се грижи за него и двајцата браќа. Следен пат кога Вуди повторно го гледа Чарлс е 1981, и тоа на вести, кога Харелсон постариот е уапсен за убиство на судија.

Роден во 1938 во Тексас, Чарлс првично почнува кариера на продавач на енциклопедии во Калифорнија. Веќе во 1960 тој е осуден за вооружен грабеж. Подоцна Чарлс признава дека на почетокот од 1960-те бил вклучен во десетици убиства.

По неколку неуспешни судења против него за убиство, Чарлс дури во 1973 за прв пат е осуден на 15 години затвор. По само 5 години од казната тој е ослободен заради добро однесување.

Кратко откако излегува на условно, Чарлс и неговата тогашна сопруга се замешани во друго убиство.

Веќе следната година, 1979, тој го убива судијата Џон Х. Вуд јуниор во Сан Антони, по нарачка на тамошен дилер на дрога на кого Вуд во скоро време требал да му одредени затворска казна.

По ова Чарлс Харелсон го има едно од најфилмските апсења:

„Веќе во септември Харелсон беше уапсен. Тој возеше корвета по И-10 некаде на исток од гратчето Ван Хорн (Тексас), шмркајќи кокаин и гледајќи ги ликовите на агентите во сообраќајните знаци.

Тој застана за да провери зошто му тропа ауспухот, кој се обиде да го поправи пукајќи го со магнум 44. Во неговото лудило предизвикано од дрога, тој го промаши ауспухот и ја погоди задната гума.

Возачи пријавија излуден автостопер кој стои покрај автопатот со пиштол на главата. Кога дојде полицијата тие го открија Чарлс Харелсон.

Шест часа не може да го уапсат бидејќи им се закнуваше дека ќе се самоубие притискајќи ја цевката од 44-ката кон својот нос.

Конечно Вирџинија Фарах беше повикана да дојде и таа успева да го убеди да се предаде,“ пишува Тексас монтли во сторијата за убиството на судијата Вуд.

Додека се натегаат со полицијата, благодарејќи на количеството кокаин во него и колку време трае тоа, Харелсон „признава“ дека го убил и Џон Кенеди, за потоа во едно интервју да каже:

„Во исто време реков дека го убив судијата, и дека го убив Џон Кенеди, што треба да ви даде претстава за тоа во каква состојба сум бил тогаш.“

За убиството на судијата Вуд, Харелсон добива две доживотни казни затвор.

Во 1995, кога Вуди веќе е длабоко навлезен во филмската индустрија, Чарлс заедно со други двајца затвореници се обидува да избега од федералниот затвор во Атланта користејќи импровизирано јаже. По кратко време кон нив е испукан предупредувачки истрел од стражарската кула, по што тројцата се предаваат.

По ова Харелсон е префрлен во затвор со „супермакс“ ниво на безбедност во Колорадо.

На 15 март 2007 тој умира во својата ќелија на 68 години од срцев напад.

Чарлс на своите три синови им остава куп документи и бара од нив да му го „исчистат името“ околу убиството на судијата. Иако тврди дека не го убил судијата, Чарлс признава дека бил вмешан во десетици убиства во 1960-те.

29 ноември 2021 - 16:06