Зошто е толку тешко да се прими комплимент?

Нели комплиментите би требало да бидат една пријатна работа?

Во теорија да, во пракса - многу луѓе се засрамуваат, зацрвенуваат и почнуваат да д’ткаат додека да излезат на крај со тоа.

„Колку е срамот е поврзан со јавен неуспех, толку е и со јавен успех,” вели Ориана Арагон, асистент на Унивезитетот Клемсон, на катедрата за маркетинг, која истражува несоодветни изрази на емоции. Всушност, според едно истражување на AcknowledgmentWorks, 68 проценти од испитаниците рекле дека го поврзуваат препознавањето на нивниот труд со срам. Има причини за тоа, и нивното научно објаснување може да ви помогне следниот пат кога некој ќе ви каже нешто фино.

Не треба да ви се допаѓа

Дел од проблемот е што не знаеме како да реагираме. Од мали нозе нè учат дека фалењето не е убаво. Понекогаш таа лекција се манифестира како humblebrag (тоа е она кога викаш дека си грд, за да мораат да ти речат „ма неее, види колку си убав), но понекогаш се претвора и во аверзија кон сè што се препознава како себе-величање. Кога некој друг те фали, можеш или да ја нарушиш таа социјална норма, со тоа што ќе го прифатиш комплиментот, или да ја поткопаш перспективата на човекот со тоа што ќе одрекуваш. За многумина и двете опции се непријатни.

Срамот не доаѓа секогаш од незнаење како да реагираш. Понекогаш доаѓа и затоа што знаеме дека срамот е социјално најприфатлива реакција. „Ако социјалната норма е човек да не смее ужива во комплименти и внимание, тогаш срамот е очекуван одговор на таквото внимание,” вели Арагон.

Не верувате во тоа

Ова чувство на конфликт околу реагирање на комплиментот може да стане особено силно кај луѓето кои се сомневаат во истиот комплимент. Од тие причини и луѓето со помала самодоверба имаат повеќе негативни чувства после комплимент, според една студија објавена во „Журнал за експериментална социјална психологија”. Друга студија објавена во 2010-та, открива дека луѓето со силна негативна перцепција за себе, на пример, повеќе сакаат цимери што ги гледаат негативно, најверојатно затоа што човек со ниска самодоверба може да се грижи дека човекот што му дава комплимент всушност се шегува со него и има скриена агенда.

Според Ејми Морин, психотерапевт и автор на книгата „13 нешта кои ментално силните луѓе не ги прават”, искрен комплимент може да предизвика минијатурна криза на идентитет кај човек кој нема високо мислење за себе. Кога фалењето не соодветствува со тоа како се гледаш себеси, може да предизвика конфузија или синдром на натрапник, оставајќи те со уште полошо мислење за себе од пред да го добиеш комплиментот.

Изгледа како да ви судат

Комплиментите изразуваат интимност. Налагаат дека тој што ги дава го познава тој што ги прима доволно за да коментира - на неговото достигнување, изглед, што и да е - со убеденост дека тоа пофалување ќе значи нешто. Ако тој што го прима комплиментот не се чувствува доволно удобно да реагира на оваа симпатија, може да се изненади и да му се врзе јазикот.

Комплиментите можат и да се доживеат како намештаљка за високи очекувања. Луѓето ги отфрлаат забелешките за нивните силни страни затоа што не сакаат да ги исполнуваат тие очекувања. Или ги потресува фактот што некој ги оценува - па се плашат да не потфрлат некогаш во иднина. Проблемот е што, „кога се успешни и центар на внимание, луѓето се подложни на критика,” според Арагон.

Се чувствувате алчно

„Луѓето имаат тенденција да веруваат дека „благодарноста се троши и ако ја примаме, нема да има доволно во светот,” според Џејмс О. Павелски од Центарот за позитивна психологија при Универзитетот на Пенсилванија. До овој заклучок дошол на работилници кои ги организирал со неговата жена Сузан Павелски. Често, учесниците алудирале на идејата дека прифаќање на комплимент е како себично да присвојуваш нечии симпатии, земајќи повеќе од она што ти следува од овој ограничен извор.

„Уште една честа реакција е да се третира комплиментот како „жежок компир” и брзо-брзо да се пофали другата личност за да се одвлече вниманието од себе,” вели Павелски. Вака можете да ја зголемите непријатноста - одеднаш и на тој карши вас му е незгодно. Во една нивна книга, двојката Павелски истакнуваат процес во три чекори за реагирање на комплименти: „прифати, зголеми, напредувај.”

Прифатете го комплиментот со „фала.”, зголемете го неговото влијание со прифаќање и потоа напредувајте во разговорот со поставување прашања. На пример, „зошто мислиш дека ми е добар есејот? Сакам повторно да ми успее тоа.”

Ова е добар инстант спас, но долгорочно гледано, решението може да лежи во испитување на сомнежите во себе кои нè тераат да се чувствуваме недоволно вредни за комплиментот. Односно, ако луѓето постојано ви велат дека „ве бива за цртање”, можеби треба да преиспитате дали сте навистина „тапа” како што тврдите, или сепак треба да прифатите дека стварно сте поспособни отколку што верувате дека сте.

29 јануари 2018 - 13:38