Жени што треба да ги знаеме: Нети Стивенс

Идеја за книга: „Жени што откриле ствари за кои мажи потоа добиле Нобелова награда“.

Во денешното претпразнично издание на „Жена ќе открие, маж ќе добие Нобелова“, ја имаме Нети Стивенс. Генетичарка која во 1906 има дојдено до огромното откритие дека полот на еден организам го одредуваат неговите хромозоми.

Во школо била првенец на генерација и со сестра ѝ биле две од трите жени што дипломирале на Академијата Вестфорд.

Денес, фактот дека полот зависи од хромозомите е општа култура. Но, пред Нети, научниците мислеле дека полот го одредува околината. Нети дошла до докази токму за спротивното: Вршела експерименти со црви и открила дека некои сперматозоиди носат X-хромозом, а некои Y.

Сепак, како би дошле до идејата за книгата од погоре: Заслугите за откривањето за генетското одредување на полот одат кај Томас Хант Морган кој има добиено Нобелова награда во 1933. Кога Нети починала од рак на дојка на 50-годишна возраст, Морган „кажал убави зборови за неа“, а во некрологот напишал дека „имала удел во битно откритие“.

Иако не е масовно позната, Нети Стивенс е сепак една од првите Американки на која ѝ се признаваат придонесите кон науката. 

7 март 2023 - 00:00