Замислете свет без Кардашијан

Фино што замисливте, не значи дека ќе го добиете. Иако интересот за нивното реално шоу е толку опаднат, што се појавуваат трачеви дека ќе го откажат, нив најверојатно ќе им биде гајле - наплаќаат пола милион долари за пост на Инстаграм, што е точно пола милион повеќе отколку што наплаќате вие.

Наводно матичната телевизија E! размислува за откажување на шоуто заради намален рејтинг. Што не би значело дека веќе нема да гледате разни Кардашијани по другите мрежи. Себеси се доведоа до статус на рок-ѕвезди и инфилтрирани се во толку бизниси што нема така лесно да ги снема.

Луѓето ја идолизираат Ким речиси колку што таа самата се идолизира себеси, без да им е јасно зошто - ја има, важна е, влијателна е, но сепак не направила којзнае што (добро, во 2015-та објави книга - „Селфиш”, со селфиња ѝ е).

Дали Ким Кардашијан е глупача?

Да се појавеа во 1990-ти, веројатно ќе пропаднеа додека да трепнеш, како неталентирани, самобендисани егзибционисти. Во ера на Мајкл Џексон и Мадона би биле тотално игнорирани, само што во последниве неколку години уште броиме жртви од нешто што се вика:

Културолошко цунами

Ким Кардашијан сега е важна. Прашањето „Зошто е популарна?” сега веќе има одговор: Ниедна жена во историјата, освен можеби Принцезата Дајана, не добивала такво посветено медиумско покривање. Сè уште не излегува од медиуми, а ние уште се чудиме - сепак уште се работи за семејство што на телевизија гледаме како седи по каучи, јаде салати и се слика. И толку!

Кога излезе шоуто, изгледаше само како уште едно од бескрајно многуте реални шоу-а, а порасна до една од најголемите телевизиски сили.

Притоа, стануваат маркетинг могули, само затоа што се тоа што се - со едно притискање на нејзиниот маникиран показалец, Ким допира до 129 милиони следачи на Инстаграм, па оттаму и не е така незамисливо што наплаќа до пола милион долари по пост. Кендал и Кајли, со 76 милиони и 89 милиони - најмногу наплаќаат до 400.000, а на Клои и на Кортни им успева „само” до 250.000.

Знае и Ким Кардашијан по нешто

И во нормален свет, би се очекувало многу гледана тв-емисија да се бави теми како неправда, нееднаквост, сиромаштија, расизам, сексизам, насилство или други проблематични прашања. А во таков не живееме, туку напротив - живееме во свет каде што поседување на работи кои баш и не ти се од клучна важност во животот претставува „добро живеење”. А семејството му продава на секој еден што одлучува дека ќе се стреми кон влијателност на ниво на славна личност - а такви ги има милиони, и многу милиони од нив ги следат Кардашијан-Џенер.

Социјалните мрежи, како уметноста, новинарството и забавната индустрија, придонесуваат кон начинот на кој ги разбираме нештата: публиката се информира, но не мора да значи дека тоа е одговорно. Семејството Кардашијан ќе издржи. Може да не ви свиѓаат; може и да ги презирате и нив и необјаснивата посветеност на нивната глобална публика.

Ама мора да им се честита за способноста за адаптација и еволуција во модерниот свет без притоа да креираат било каква трајна содржина.

7 март 2019 - 00:00