Вонбрачната салата на Оливија Вајлд и други салати на славните

Меѓу многуте ужасни откритија на Дејли Мејл за пропаста на врската на Оливија Вајлд и Џејсон Судеикис во 2020 беше дека во еден момент Вајлд направила салата со „посебен“ сос за да му ја однесе на новиот дечко, Хари Стајлс, а Судеикис толку се вознемирил што легнал пред колата за да не може да излезе.

Има и други вознемирувачки детали, ама она што ја интересира јавноста е: каква е таа салата и тој сос толку посебен што Судеикис не сака да го види споделен со швалер?

Патем, информациите се од поранешна дадилка на семејството и Вајлд и Судеикис тврдат дека се „ужасно неточни“, ама интересот за салатата остана. Магична ли е?

Една жена посебно се има заинтересирано за мистериозната салата: сопственичката на ТикТок профилот The Salad Lab, која е позната само по име - Дарлин. Концептот е едноставен: Речиси секој ден, Дарлин подготвува различна салата, со епрувети, и медицински садови во кои стојат состојките и препорачува пијалок, обично вино. Акаунтот го почнала за да споделува рецепти со нејзината ќерка која е на колеџ, но сега е позната по репродуцирање на омилените салати на славните кои ги наоѓа по списанија и ресторански менија. Има 2 милиони следачи и нејзината слава е порасната до степен да може и да им се јави на некои селебрити-фаци и да ги праша за омилената салата.

Дарлин вели дека не сака да навлегува во политика или селебрити-скандали, но многу нејзини следачи ја побараа салата на Вајлд, па ѝ испратила порака за да ја праша. Петнаесет минути подоцна, Вајлд објави Инстаграм-стори од 177-та страна од Heartburn, автобиографскиот (но со сменети имиња) роман на Нора Ефрон од 1983, каде што се работи за нејзиниот развод од новинарот Карл Бернстин. Дарлин помислила дека е за неа, но изјавува за Гардијан дека не е сигурна.

Во книгата, алтер-егото на Ефрон, Рејчел, го учи нејзиниот неверен сопруг Марк како да направи винегрет сос пред да го остави засекогаш. Оваа салата е едноставна во споредба со другите салати на славните што ги приготвува Дарлин за Салад Лаб. На Дру Баримор салатата бара да раскинеш парче пица, а вообичаената нарачка на Бијонсе во веганскиот синџир Cafe Gratitude има два различни сосови и голем број состојки.

Сепак, дресингот на Ефрон/Ваjлд е едноставна емулзија од Греј Пупон, вински оцет и маслиново масло. Ефрон пишува дека е совршен за зелени салати.

Во средата, Дарлин веќе го имаше објавено ТикТокот со наслов „Стилската салата на Оливија Вајлд со озлогласениот винегрет сос“. Во позадина - песна од Хари Стајлс. Во рок од 18 часа, имаше над 400.000 лајкови.

Пресуда?

„Многу е умна,“ вели Дарлин за Вајлд. „Дали е добар сос? Не, ужасен е. Многу е горчлив. Но, затоа е толку добар. Го земала од книга за развод.“

21 октомври 2022 - 19:44