Тајните на збогатувањето

На пример, напиши книга за збогатување и стави ѝ цена 28 долари. Профит! Со ваков огорчен сарказам, Чендлер Дин и Сара Груен имаат напишано текст за Њујоркер, со преку глава дојдено од совети од богаташи што некако не важат за обичниот свет. А американските референци лесно можат да станат македонски. Само земете ја просечната плата во Македонија и цената на квадратот во Скопје.

Сè повеќе Американци се мачат да врзат крај со крај. Дали е ова затоа што платите останаа исти, а трошоците пораснаа? Дали може да е затоа што здравството чини повеќе, а осигурувањето покрива помалку? Предаторски брзи кредити? Астрономски суми за школување? Нерегулиран капитализам и безмилосна корпоративна алчност?

Не. Проблемот е финансиската писменост. Преголем број млади носат идиотски, краткорочни финансиски одлуки што им го поништуваат долгорочниот успех. Затоа е толку важно да ја срушат таа навика со купување на мојата нова книга, Како да престанете да носите идиотски, краткорочни финансиски одлуки што ви го поништуваат долгорочниот успех. Чини 28 долари.

Еве неколку лекции што ги споделувам во мојот водич за гарантирана заработка.

Доста давате пари на кафиња и почнете да штедите за куќа.
Гранде лате во Старбакс - што е нешто што младите сè уште го купуваат - чини 3,65 долари. Во меѓувреме средната цена за дом во САД е околу 400.000 долари. Тоа значи дека ако прескокнете едно кафе дневно, ќе заштедите доволно пари за да си ја купите куќата од соништата за 300 години (иако дотогаш средната цена на еден дом ќе биде поблиску до еден до два квадрилиони долари - па подобро прескокнете две кафиња дневно).

Скратете ги трошоците по дома.
Да речеме дека веќе сте на коњ и веќе имате каде да живеете. Штедењето допрва почнува. Просечниот Американец троши неколку стотици долари на струја секој месец, а како човек со мастер во економија, можам да ви кажам нешто со разумни количини сигурност - тоа четирицифрена сума годишно. Но, замислете колку ќе можете да заштедите ако едноставно не ги вклучите светлата во бањата во сред ноќ. Колку порано би се пензионирале ако престанете да го отворате фрижидерот; колку многу повеќе одмори би можеле да си дозволите, ако го полните ајпадот на полнач од компир што победил на натпревар по физика во средно. Секако, живот без струја ќе биде како да живееш во пештера, ама кога последен пат имаш чуено пештерски човек да извади втора хипотека?

Имај пари.
Мислам, првото правило за живеење богато е да имаш пари. Луѓето ова упорно го забораваат! Препорачувам да се имаат што е можно повеќе пари.

Почнете сега да инвестирате во пензија.
Посветете на следново: треба да штедите најмалку дваесет проценти од вашиот приход за пензија. Треба исто така да тргнете дваесет и пет проценти од приходот за фонд за итни случаи, триесет проценти на берза, осумнаесет проценти за школување на децата и пет проценти за книги со финансиски совети. Може ви се чини дека не ви останува многу за други трошоци, но ако сте како мене, нема ни да ги забележите тие шест милиони долари што недостасуваат.

Одете по скали место со лифт.
Прашајте било кој доктор за тајната на слабеењето и ќе ви каже дека одличен прв чекор е да одите по скали. Е па, јас ќе ви кажам дека истото важи и за збогатувањето. Не само што избегнувањето лифтови е научно докажано дека ќе ве направи поздрави, а со тоа и ќе ви заштеди на плаќање доктори, туку и качување до работа 36 спрата секој ден ќе ве научи да издржите неверојатни количества продолжена неудобност. И тоа е круцијална вештина за сите штедливи луѓе.

Последно, но не најмалку важно: времето е пари.
Јас би требало најдобро да знам - имам и едно и друго.

25 јануари 2023 - 12:10