Позајмено интервју:

Сузан Сарандон: Да се живее автентично

„Најдобро е да се остане љубопитен, да се живее автентично и да се ставаш себеси во многу нови ситуации, со луѓе кои имаат предизвикувачки идеи. Како што ќе откриваш кој си и ќе си го наоѓаш гласот, животот ќе ти станува поинтересен.”

Г-це Сарандон, дали е потребно повремено да се преврти животот наопаку?

Животот веќе ти е превртен наопаку. Мојот живот го гледам како организам, а не како линеарна патека каде што доаѓаш до одредена точка и постигнуваш одредени работи, па запираш. Мораш да гледаш на животот и односите како дел од некој жив организам, како нешто живо. Не како машина, туку некакво растение кое постојано расте. Еден од најголемите таленти ми е кога нешто што не го знам ќе се појави - можам да го препознаам, да сменам правец и да му дадам шанса.

Сигурно тоа ви отворило многу врати во кариерата.

Да, животот е многу покреативен отколку што би бил кога би го планирала! Мислам дека треба да се гледа големата слика, а не да се нервира човек за малите работи. Не сум врзана за некои големи прашања. Имам тетоважа околу левиот зглоб што изгледа како бодликава жица, а всушност е врзано „ ANDAND”, скратено од A New Dawn, A New Day. Се работи за будење секој ден и свест дека имаш шанса да почнеш одново и да ти биде простено и да се ослободиш од вчера.

Како го постигнувате тоа?

Најдобро е да се остане љубопитен, да се живее автентично и да се ставаш себеси во многу нови ситуации, со луѓе кои имаат предизвикувачки идеи. Како што ќе откриваш кој си и ќе си го наоѓаш гласот, животот ќе ти станува поинтересен.

А станува ли полесен?

Не мора да значи дека ќе стане полесен, но ќе стане подобар. Јас сум во фаза од животот кога моите деца ме едуцираат. Учам многу нови работи преку нив. Одново читам книги што сум ги прочитала, но сега се забавуваме читајќи ги во исто време. Зборуваме за музика, филмови и филозофија. Сега, кога веќе вложив години да ги израснам, тие се наоѓаат во позиција да влијаат на мене и да ми го отворат умот за некои работи.

Дали сè уште верувате дека е можно да се промени светот?

Јас пораснав во ’60-тите и ’70-тите и бидејќи тогаш светот се менуваше, имаше едно верување дека Америка ќе биде дел од најразлични револуции. Малку се заборава идеализмот и вербата од тоа време. Со возраста доаѓа и потешкотија да веруваш во акција. Има една одредена наивност што ти овозможува да веруваш дека можеш да го промениш светот, и секако можеш да имаш влијание. Работата е што, ако целиш кон очигледни резултати, може да не можеш да ги видиш.

Зошто не?

Има една добра приказна за Д-р Бенџамин Спок, педијатарот, во раните денови на Виетнамската војна. Сите ја читаа неговата книга за бебиња и деца во тоа време, но тој имал еден момент на откровение кога видел три мајки на скалите на Белата куќа како протестираат против војната во Виетнам, со бебињата во колички и помислил, „Што правам јас?” Сфатил дека не е доволно само да работи со бебиња, и дека морал да зборува и за војната. А тоа било заради тие жени што стоеле таму.

А тие веројатно не биле ни свесни…

Сигурна сум дека не биле. Но, бидејќи сакале да учествуваат во демократијата, имале таков ефект на некој кој станал многу важен во однос на противењето на војната. Многу често овие неправди се случуваат заради сиромаштија, расизам и заради тоа што луѓето немаат глас, па кога луѓето излегуваат и сакаат да постигнат дијалог, особено ако имаат голема платформа, се рправи разлика. Но можеби не може одма да се види.

Ако не се гледаат секогаш резултатите, како може да се мотивираат другите да помогнат за некоја вредна кауза?

Во свет што пука по шавови, ако сакаш да имаш надеж, треба да работиш со организација што нешто постигнува. Да почекаш, да видиш друг човек, да се обидеш да го слушаш, да му помогнеш е толку лековито и за тебе. Спротивно на негативноста и насилството е да се види моќта на љубовта.

Дали вашиот капацитет за љубов се променил низ годините?

Сè се менува. Колку подолго живееш, толку подолго грешиш, колку повеќе сочувство имаш, толку повеќе простуваш. Приоритетите ти се менуваат во однос на тоа како ја дефинираш љубовта и што бараш од некого. Но се надеваш дека ќе се придвижиш кон нешто што значи непосесивна љубов и искреност. Како со секој друг мускул. Колку повеќе вежбаш, толку ќе биде љубовта подобра и поотворена. Размислувањата за љубов се менуваат од 18 до 48. Да се надеваме дека ќе продолжат.

Што ви е сега дефиницијата?

Љубов е почитување на божественоста на секој човек. Љубовта е дарежливост на духот. Ако навистина сакаш некого, тоа вклучува доверба и искреност. Но можеш да практикуваш љубов секој ден и без да имаш партнер. Мислам дека љубовта има врска со огромна благодарност во животот. Ако си во таква состојба, кога ќе ја препознаеш божественоста во секого, ќе добиеш поинаква перспектива на односите со луѓето. Помисли на разликата што ја прави една насмевка и обиди се да не се налутиш кога некој во продавница е незаинтересиран да ти помогне. Ако успееш да ја видиш човечноста во таа личност, твојот живот веднаш станува подобар, затоа што не го примаш тоа лично. Моќта на љубовта цело време трансформира ствари.

Звучи речиси религиозно…

Се сметам себеси за спиритуална личност, но не реагирам добро на институционализирана религија. Мислам дека почнуваат сите со основните сфаќања, но кога ќе станат институција, одлутуваат од она што ми резонира мене. Добро е што луѓето наоѓаат утеха во верата, но не разбирам зошто сите религии тврдат дека се единствени и ги исклучуваат луѓето. Тоа е лош знак.

Но таква е човечката природа. Исто и со американската политика, и двете страни мислат дека се во право и дека сите други грешат.

Има огромна поларизација во Америка и не знам што би ги споило луѓето, но немам друг избор освен да бидам оптимист. Сега работев на југот и ми дојде еден тип со целиот Втор амандман истетовиран на раката, оној за правото да се носи оружје и ми побара автограм. Сигурна сум дека знае како сум ориентирана политички, но многу убаво си поразговаравме.

Навистина?

Да, му поставив прашања за оружјето и поентата да се носи, а тој се обиде да ми објасни и јас слушав. Во моментов мораме да бидеме во фаза каде што се слушаме меѓу себе. Тоа би бил почетокот. И многу верувам во младите луѓе. Ги гледам моите деца, го гледам мојот најмлад син, тој е фантастичен. И ќе видиме. Правиш колку што можеш, само загриженост сигурно нема да направи разлика.

27 ноември 2018 - 00:00