Тито ги сакаше Сандокан и Тарзан

За три децении, Броз одгледал точно 8801 филм. Гледал просечно по 285 филма годишно, а најревносен бил во 1957-ма кога не пропуштил ниту еден ден без да погледне филм. Слична пасија имал само Гебелс, но тој гледал за да цензурира, а 'Стариот' главно за да се олабави. Притоа, не бил многу пребирлив.

Од 1949-та до 1980-та година, Јосип Броз Тито прегледал 24 милиони метри филмска лента, како што и гласи насловот на белградската изложба која се бави со неговата пасија за филмската уметност. 

"Тито го засакал филмот кога тој се сметаше за обична панаѓурска забава без некаква уметничка вредност. Но подоцна ја сфаќа неговата моќ и влијание. Таквиот однос го задржува до крајот на својот живот. Странските филмови ги гледа како забава, за да се опушти, додека домашниот филм кој му е посебно слаба страна, го гледа со лениновска свест за неговото влијание и моќ за пренесување идеи и идеологии", мисли еден од авторите на изложбата.

За ваквиот негов однос кон филмот сведочи и фактот што сала за прикажување филмови морало да има не само во неговите пребивалишта и вили низ Југославија туку и во бродот Галеб, како и во Синиот воз.  

'Десант на Дрвар' го одгледал 15 пати, 'Козара' 3, 'Сутјеска' 8 а 'Битката на Неретва' 5 пати. Забранил два филма и тоа им го кажал на филмските работници на средба со нив.

"Отворено ви кажувам дека два филма просто ме огорчија и морав да кажам дека тие не можат да се прикажуваат. Земете го на пример оној филм "Цигули Мигули". Тој е политички неисправен исто како и оној "Хоја. Леро!“, и двата не се за гледање", пресудил врховниот филмски командант во тоа време кому ич не му правел мерак црниот бран на југословенската кинематографија, мислел и зборувал дека е штетен но не носел декрети за забрана.

Од странски филмови, најмногу сакал да гледа вестерни. За Тарзан имал изгледано преку 20 наслови а го сакал и Сандокан, Робин Худ, Шерлок Холмс, Фантомот од операта, Али Баба, Аладин. Но, на неговото филмско мени биле и филмови од Џон Форд, Буњуел, Кјубрик, Чаплин, Висконти....

Во титовото филмско царство имало место и за тежок треш. Некои од тие филмови на тн паракинематографија денес имаат култен статус, а тој како стареел, ги гледал сè повеќе. На пример, во осмата деценија на својот живот го гледал Зелeната опасност на Кинџи Фукасаку, филм кој високо котира на листите на најлоши научно фантастични филмови на сите времиња, a од болничка постела глатко си го одгледал хонконшкиот треш Супер Инфра-Мен.

"Може да се каже дека човекот едноставно немал вкус. Меѓутоа, ако се земе предвид дека една од главните одлики на таквите филмови е драстично пречекорување и кршењето на нормите, работата станува поинтересна, бидејќи тој ги гледа како апсолутен владетел. Како тоа уживање во таквите филмови да е бегство од самиот себе, од улогата која судбината и историјата му ја намениле", вели еден од авторите на изложбата. 

Кoга гледал филм, Тито не смеел да биде прекинуван во никој случај. На третата страница од протоколот за "Начинот на работа на Претседателот и задачи на Секретарот" стои:

"Секретарот го напушта работното место кога почнува филм (во големиот салон). Доколку за време на траењето на филмот стигне депеша или билтен, дежурниот орданс ги предава ОТКАКО ќе заврши филмот на претседателот на Републиката."

9 декември 2014 - 11:17