Сте пробале „ботокс за коса“?

Повторно пораснаа пребарувањата на терминот „ботокс за коса“, па ако сте пропуштиле, да разглобиме - длабински третман што поправа оштетена и сува коса.

И покрај називот, нема никаква врска со инекции како ботоксот што оди во лице, ама дека измазнува - измазнува.

Третманот се разликува од кератинскиот, или бразилскиот иако некои карактеристики се заеднички, како намалување на изгледот „како уштекан во струја“ и додавањето на сјај. Се прави по салони и едноставно се објаснува како „козметичар за коса“ - базата е протеинска и одлично ги средува испуканите краеви.

Се почнува со чистење, па се нанесува третманот. Се опушташ 20-30 минути пред да се исплакне и се завршува со сушење со фен и стилизирање.

Што се добива?

После третманот, косата би требало да биде „поздрава, хидрирана и посилна“. Но, она што го прави овој третман уште подобар е неговата широка примена: функционира за секаков тип коса, а највеќе се препорачува за тешко оштетена. Безбеден е и за фарбана, но ќе биде потребно да се освежи бојата после третманот, и тоа неколку недели подоцна затоа што ботоксот влијае на долгорочноста на фарбањето.

Кај нас, цените се движат најчесто околу 1000 денари. Се разбира, како и за сѐ, има и за многу помалку и многу повеќе од тоа - ама досега е веќе јасно за која сума што може да се очекува.

21 април 2022 - 00:01