Со Бакингемска палата ли најдоа да водат ПР-војна?

Кралското семејство не искоментира за интервјуто на Меган и Хари кај Опра, освен „фамилијарно ќе го решиме“. И влезе во достоинствена офанзива.

Најпознатата книга за воени тактики, „Уметноста на војувањето“ е напишана во 5-ти век п.н.е, ама британското кралско семејство како да пишува втор дел на тема „разорувачки стратегии на бојно поле“. Имено, откако Хари и Меган влегоа во историја со Мегзит, па со она брукачко интервју кај Опра, од каде главните заклучоци беа дека палатата отфрла проблеми со ментално здравје и негува расистички ставови, изгледаше дека отпорот би бил залуден. Особено откако првата нивна официјална изјава беше изразување на загриженост и

„Ова семејството ќе го реши приватно.“

Пораката што му ја испратија на светот беше јасна: Војводата и војвотката од Сасекс „изводат“, како мали деца, па „сега возрасните ќе го решат ова.“

Се разбира, не беше доволно, па почнавме да се прашуваме дали само на ова ќе остане.

Нема само на ова да остане.

Прво, Сандеј Тајмс објави темелен профил на принцот Вилијам со наслов „Другиот брат“. Внатре го утепуваат од фалење и тоа луѓе на кои им се слуша гласот, и споделуваат откритија за принцот што досега јавноста не ги знаела. Гласовите, меѓу другите се на конзервативецот Вилијам Хаг и поранешниот приватен секретар на принцот, Мигел Хед и ниеден од овие двајца не би ни писнал пред новинар ако круната тоа не го има одобрено.

Потоа, Вилијам се појави во видео на Комик Рилиф, велејќи дека менталното здравје му е блиска тема.

Понатаму, Сеји Обакин, ЦЕО на добротворната организација Сентерпоинт, што Вилијам ја поддржува 15 години, со британски Телеграф сподели како со принцот се запознале додека една вечер и двајцата спиеле под мост.

Понатаму, излегоа извештаи дека палатата разгледувала опции за назначување на директор за диверзитет, притоа откривајќи дека за ова се зборувало уште пред блицкригот на Хари и Меган.

Јасно ви е, од прилика?

Наместо да се блатат со семејството Мегзит по новини како да се Кардашијан-Блек Чајна, палатата изработува крајно поодмерен пристап и се одлучува „да им врати“ во сопствена режија.

Без да кажат ни М ни Х, ги неутрализираат најштетните тврдења за менталното здравје и расизмот. Фалењето на Вилијам и појачувањето на неговиот ореол не само што се исплати на долги патеки, туку со себе носи и импликативна критика кон пристапот на помладиот брат. Неискажаната порака како да е: „Вака прави принц што е посветен на својата должност и својот народ, и е човек фокусиран на напорна работа, а не два саати да кука по телевизии колку го мачат дома.“

Од палатата сфаќаат дека всушност младите генерации и нивните срца и умови им се од круцијална важност, па го прескокнуваат реалниот престолонаследник (Чарлс, ако заборавивте, он е на ред). Кој друг би бил подобар за освојување на јавноста од принцот што играше главна улога во прекинувањето на трговијата со слонова коска? Кој спиеше под мост во борба со бездомништвото? Кој друг реши дека не сака да работи по старо, туку ќе се бори со горливи теми како расизам во фудбалот и ментално здравје?

Сепак, и мегзитчии не се вчерашни. Останува допрва да видиме дали ќе сведочиме на трансатлантска ПР-битка.

Патем, еве кој исто така не е вчерашен:


Неподносливиот комплекс на жртва на Меган Маркл

Шпанската сапуница на британското кралско семејство

Принцот Вилијам е очаен после интервјуто

26 март 2021 - 16:01