Што се случува со мозокот кога ќе намалиме со шеќер?

Во совршен свет би можеле да јадеме благо колку што сакаме, без последици. Ама светот не е совршен.

Умереноста е секогаш фина работа, но што ако престанеме со шеќер, или пак го внесуваме многу малку и многу ретко? Иако е тешко, бидејќи има инстант-гратификација, намалувањето со шеќер води до неверојатни промени во мозокот.

Се регулира допаминот, невротрансмитер поврзан со награда и задоволство, или - она чувство кога ќе внесеш нешто слатко. Шеќерот го активира, па затоа создава и таква зависност. Претерувањето со шеќер води до дерегулација на ослободувањето допамин, како што се случува и со други супстанци што создаваат зависност, но намалувањето со шеќер помага мозокот одново да го калибрира системот за награди, што пак води до помалку импулси за благо и поздрав однос со храната.

Се постигнува и когнитивна јасност - шеќерот е поврзан со воспаленија во мозокот кои можат да ја влошат когнитивната функција и да доведат до „магла во мозок“. Со јадење помалку шеќер тоа воспаление се намалува, па нештата стануваат појасни и поостри и подобро памтиме.

Стабилниот шеќер во крвта се подразбира, бидејќи нема толкав ролеркостер од енергија и возбуда од шеќер. Но, она што може да не е толку познато е намалувањето на анскиозноста што доаѓа со намалување на шеќерот, или, како што некои велат дека има „мало мозоче“ во стомакот што научно се нарекува ентеричен нервен систем - два тенки слоја од повеќе од 100 милиони нервни клетки во гастроинтестиналниот тракт кои праќаат сигнали во централниот нервен систем и предизвикуваат промени во расположението. Преголем внес на шеќер ја компромитира оваа комуникација, па како резултат влијае и на менталното здравје и нивоата на анксиозност.

И на крај - подобро се спие. Исхраната секогаш влијае на сонот, а претерувањето со благо може да го наруши циклусот. Ако намалиме со благо, креираме подобри услови за спиење, а со тоа и подобар сон.

9 април 2024 - 00:00